Дефект на водоснабдувачката мрежа во Пештани ги остави туристите во хотел „Десарет“ без вода 24 часа. Во хотелот претежно се сместени Срби, кои револтирани барале начин како да се справат со незавидната ситуација во која се нашле. Дел полнеле вода од езерото со кофи, а некои биле носени кај мештаните на туширање, ни кажаа вработени во хотелот кои сакаа да останат анонимни.
„Немаме вода. Како се снаоѓаме? Се расправаме, ги убедуваме. Има туристи, претежно од Србија и Македонија. Нема вода од вчера, од 12 часот. Полнат вода со кофи од езерото. Ни кажаа дека за брзо време ќе дојде вода. Се снаоѓаме, за туширање ги пуштаме по куќи, ги носиме и кај нас дома“, кажаа од хотелот.
Екипи на ЈП „Водовод“ од Охрид работеа на отстранувањето на големиот дефект на водоводна цевка со профил ф300 мм до раните утрински часови, велат од претпријатието.
„Поради пукната цевка со профил ф300 мм, денеска од 15 часот, повеќе часа без вода ќе бидат корисниците од село Пештани. Екипи на ЈП ‘Водовод‘ се на терен до целосно завршување на санацијата“, информираше „Водовод“.
Покрај Пештани, без вода за пиење се и делови од источното крајбрежје.
А. АНТЕВСКА