ПЕСНАТА „СРЦЕ МЕ БОЛИ ОД МЕРАК ЗА ТРПАНА“ ЈА НАПИШАЛ ТЕТОВЕЦОТ СИМО ОТИ НИ ЗА ПАРИ НЕ МОЖЕЛ ДА СИ КУПИ ЉУБОВ

    ПЕСНАТА „СРЦЕ МЕ БОЛИ ОД МЕРАК ЗА ТРПАНА“ ЈА НАПИШАЛ ТЕТОВЕЦОТ СИМО ОТИ НИ ЗА ПАРИ НЕ МОЖЕЛ ДА СИ КУПИ ЉУБОВТрпана од Анота Јаковчев, која тогаш имала само 14 години, била една од најубавите девојки во Тетово, а Симо сарафот се вљубил на прв поглед; - Трпана со сопругот Иљо и децата

    Малкумина знаат дека една од најубавите македонски народни песни „Срце ме боли од мерак за Трпана“ всушност е испеана по вистинит настан. Песната зборува за бескрајно големата и неостварена љубов на Симо сарафот кон преубавата тетовка Трпана. Неговите љубовни маки тој ги преточил во една преубава песна која и денес со најдолемо задоволство се слуша.

    При крајот на 19 и почетокот на 20 век, Тетово било сосем мало гратче. Христијанското население главно живеело во повисоките предели на градот во маалата Два Бреста, Колтук, Поток, Долно Маало. Низ тесните калдармисани улички се одвивал еден, за тој период, секојдневен живот типичен за својата патријахална средина во која зборот на таткото, како најважен во семејството, бил неприкосновен и се слушал без поговор. Како и сè друго, и љубовта меѓу младите тетовци била присутна но таа најчесто го немала среќниот крај. Неколкуте преубави народни песни испеани во тоа време зборуваат токму за таа несреќна љубов на убавите тетовски девојки и момчиња. Една таква песна, според многумина и најубава, е песната за убавата Трпана.

    Ано сакал неговата ќерка Трпана да се омажи за некој од семејство имотно приближно како неговото, а не за богаташ како Симо; – Трпана (во средината) со другарките

    Во тој период веќе почнала да се издвојува еден побогат слој од христијанското население кој брзо се богател, стекнал големи пари и мислел дека со своето богатство можел сè да купи па дури и љубовта. Таков бил и Симо кој работел како сараф, односно се бавел со менување пари и со банкарство.

    И ако Симо сарафот немал никакви проблеми со парите, имал големи проблеми со љубовта. Откако Симо еден ден ја видел Трпана, која која била со своите другарки Епса Димушева и Благуња пожаранка (исто така две големи тетовски убавици чија трагична љубовна судбина е опеана во песните „Кажи Епсо Димушева“ и „Благуњо дејче пожаранче“) , тој на прв поглед лудо се вљубил во неа. Трпана од Анота Јаковчев, која тогаш имала само 14 години, била една од најубавите девојки во Тетово. Симо сарафот бил распаметен, ја занемарил работата, срцето му треперело, а убавата Трпана не можел да ја извади од глава. Тој бил еден од најбогатите тетовци во тоа време и можел да ја има за жена било која девојка во градот што ќе ја посакал, но умот постојано му бил во Трпана. Иако бил речиси десетина години постар од неа, тој бил убав, строен маж, а освен тоа и бил многу богат. Бидејќи големата желба не му стивнувала, тој се решил да ја побара за жена Трпана од Анота Јаковчев бакалинот. И како што биле адетите во тоа време, Зако, татко му на Симо, повикал стројници кои требало да одат кај Анота, за да ја испросат Трпана за неговиот син Симо. Зако како стројник го замолил да биде Пано, познат и многу речит стројник. Но не одело сé така лесно како што си замислувал Симо. Ано бакалинот никако не сакал да ја даде својата ќерка за Симота сарафот. Јасно и гласно им рекол на стојниците кои дошле во неговата куќа „Уште немам ќерка за мажење и толку“. По ова стројниците си заминале, а Зарка, мајката на Трпана и жена на Ано, останала вџашена зошто била пропуштена убава можност нивната Трпана да се омажи во богато семејство.

    „Слушај жено“, се развикал Ано на жена си, „И Господ да слезе од горе на земјата, не ја давам за него и точка“.

    По ова стројниците не им донеле добри вести на Симота и на татко му Зако. Тие им го пренеле тоа што Ано им го рекол дека не ја дава Трпана затоа што Симо бил многу богат, побогат од него, па ќе требало на сватот Зако да му прави темане, да им се поклонува на другите сватови, да им прави чест кога ќе доаѓале на гости.  Ано сакал неговата ќерка да се омажи за некој од семејство имотно приближно како неговото.

    Трпана (во фустан со точки) како членка на здружението „Коло српских сестара“

    Кога Симо го слушнал ова како гром да го удрило, не можел да поверува дека тоа му се случило нему. Се мислел дали тоа Господ го казнува за некаков направен грев или пак го става на искушение. Но Симо и покрај негативниот одговор бил решителен: „Ќе се женам за Трпана и за  никоја друга“. Праќал Симо поздрави до Трпана, праќал шеќерчиња, леблебија и со суво грозје, оставал и големи прилози во црквата само за да му се исполни желбата, ама залудно. Испратил уште еднаш стројници кај Анота да ја побараат Трпана, но Ано бил непопустлив не му ја давал својата ќерка на Симота.

    Веста што набрзо ја слушнал, дека Миљан Пајков дограмаџијата ја испросил Трпана за жена, го столчила Симота. Не можел да ја замисли Трпана во прегратките на некој друг, да ја милува, да ја бакнува. Го преколнувал Анота и неговата гордост што не му ја дал Трпана за жена. Неколку дена пред свадбата на Трпана со Миљан, Симо заминал за Солун, а од таму за Америка. Мислел ако биде подалеку од саканата Трпана полесно ќе ја заборави но се прелажал, и покрај илјадниците километри раздалеченост желбата кон Трпана воопшто не стивнувала.

    Откако се омажила за Миљана, Трпана по девет месеци родила синот Спирко, но набрзо Миљан ненадејно починал. Така Трпана, на 15-години останала вдовица.

    Стројникот Пано во ова видел нова шанса па веднаш пратил абер до Симо сарафот во Америка и му кажал дека на Трпана ѝ починал мажот. Така Симо добил втора шанса да ја земе Трпана за жена. Си мислелдека Ано сега ќе мора да попушти бидејќи Трпана била вдовица со едно дете. Веднаш ги спакувал куферите и тргнал накај Тетово. И додека Симо патувал со бродот по океанот од неговата душа, од неговата огромната љубов кон Трпана ја создал најубавата и најпознапозната тетовска песна „Срце ме боли од мерак за Трпана“. Кога стасал во Тетово мислел дека со оваа песна ќе го омекне срцето на Анота и конечно ќе ја добие Трпана за жена. Песната веднаш станала многу популарна низ тетовските меани, а и народот брзо ја прифатил.

    Но и ова било залудно. Ано раката на својата ќерка Трпана ја дал на Иљо Николоски, чија жена умрела на истиот ден кога на Трпана ѝ умрел мажот Миљан. Набрзо по дадениот збор била закажана и свадбата. Оваа вест целосно го скршила Симота сарафот кој уште се надевал дека ќе ја добие Трпана.

    Во неделата кога во црквата попот ги венчавал Трпана и Иљота, во еден агол од црквата, незабележан од никого стоел Симо, преполн со неизмерна тага но и со надеж дека ќе се случи нешто неверојатно и во последен момент ќе се откаже венчавката. Откако попот ги благословил младенците, Симо со наведната глава си заминал од црквата и на музикантите што чекале на излезот од црквата им дал пари и им порачал песна. Симо седнат во пајтон чекал, а кога Трпана и Иљо излегле од црквата музикатантите засвиреле и запеале:

    „Срце ме боли ќе умрем,

    јандум аман,

    од мерак за Трпана.

    Многу градови сум шетал,

    јандум аман,

    Како тебе не најдов.

    Па се вратив во Тетоо,

    најдум аман, да га свршим Трпана.

    Ако ме сакаш сакај ме, јандум аман.

    Ако ме нејќеш кажи ми

    да си го барам чарето.“

    Откако ја испеале песната Симо, скршен од болка и од љубов кон Трпана, со пајтонот полека заминал по калдармисаната улица и повеќе никој не слушнал за него. Дали се вратил во Америка или заминал некаде на друго место останува тајна.

    Трпана си го продолжила животот со Иљота Николоски. Им се родиле пет деца, три ќерки и два сина. Третото дета на Трпана Страхиња го наследил татка си Иљо во трговијата, додека синот Ќирко, кој бил голем тетовски боем, подоцна заминува за Ниш во Србија каде станал познат моден шивач. Првородената ќерка Благородна станала учителка, а другите две ќерки Флора и Љубица починале на млади години. Трпана починала во 1963 на 78-години. Спомените за преубавата Трпана уште ги чува нејзиниот внук, тетовецот Владимир Николоски, кој е син на Страхиња.

    „Во целата оваа приказна за баба ми Трпана и Симо сарафот можеби најинтересен е податокот што Трпана и Симо никогаш не се сретнале ниту збор прозбореле. Симо се заљубил само што од далеку ја видел. А песната што Симо ја испеал за неа, на баба ми многу и се бендисуваше и беше горда што една толку убава песна и е посветена на неа и често си ја слушаше“, се сеќава Владимир, кој иако има веќе 81 година се сеќава на многу моменти поминати со Трпана.

    Спомените за убавата Трпана уште ги чува нејзиниот внук, тетовецот Владимир Николоски, кој е син на нејзиното трето дете Страхиња (Фото: СДК.МК)

    „Ја паметам мојата баба Трпана, таа беше со невообичаено весел дух, многу бистра жена и голем шегобиец. Таа секогаш беше главна кај другарките. Поради трговијата научила да зборува турски и албански јазик, а самата беше неписмена бидејќи во тоа време ретко која девојка можела да оди во училиште. За ова зборува и една анегдота која ми ја кажаа за неа. Татко ми Страхиња беше член на познатата пејачка група Бинички од Тетово и често ја земал мајка си кога оделе на гостувања со хорот. При едно такво гостување, хорот бил на прием кај тогашниот југословенски крал Александар Караѓорѓевиќ. На приемот некој на Трпана и дал весник, таа го отворила ама бидејќи била неписмена го свртила весникот наопаку. Кога и рекле дека треба да го заврти весникот таа рекла: „Нека, нека, јас поарно читам наопаку“, вели Владимир.

    „Баба ми Трпана беше многу бистра жена и знаеше подлабоко да ги согледа работите. Таа ми ја одреди и мојата животна професија. Кога требаше да го продолжам школувањето, татко ми сакаше да учам за електроинженер во Краљево, а јас пак повеќе сакав да студирам архитектура во Скопје, но бев подготвен да ја исполнам желбата на татко ми. За време на еден семеен ручек, кога се решаваше за мојата иднина, таа само му рече на татко ми – Ако Владимир замине во Србија не очекувај да ти се врати овде бидејќи сигурно таму ќе остане. Тоа можеби беше она пресудното татко ми да ми дозволи јас самиот да решам каде ќе го продолжам школувањето и да станам архитект“, зборува Владимир додека ги прегледува дел од старите фотографии на кои е и баба Трпана.

    За песната „Срце ме боли од мерак за Трпана“ има снимено и емисија на МТВ, во повеќе наврати е пишувано во весниците, а најсеопфатниот приказ за животот на Трпана го има дадено тетовскиот писател Владимир Кочоски во неговата книга „Песни и судбини“, во која освен за Трпана зборува и за трагичните судбини на Епса Димушева, Васка Евгова, Благуња пожаранка, Аџи Зора, Ѓорушица и други познати тетовски убавици за кои се испеани едни од најубавите македонски народни песни.

    З. АНДОНОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира