ПЕТНАЕСЕТИНА БИТОЛСКИ СЕЛА ЧЕТВРТИ ДЕН СЕ БЕЗ СТРУЈА ПОРАДИ СНЕГ

    ПЕТНАЕСЕТИНА БИТОЛСКИ СЕЛА ЧЕТВРТИ ДЕН СЕ БЕЗ СТРУЈА ПОРАДИ СНЕГОд ЕВН велат дека дефектите настанале од големите врнежи со влажен и тежок снег, кој падна во битолскиот регион во неделата (Фото: СДК.МК)

    Поради снег кој заврна во ноември, четири дена без струја се петнаесетина села во битолскиот регион. Од ЕВН велат дека снегот што наврна во неделата беше влажен и тежок, па предизвика дефекти во струјното напојување. Без струја се села во потпелистерието и во пограничниот и мариовскиот крај. До вчера, без струја беа вкупно триесетина села, од кои половина ја добија во меѓувреме.

    „Ова е рекорд, четири дена сме без струја, а селото Брусник е на неколку километри од Битола. Има соседи кои се со мали деца, со стари луѓе и не можат да ги згреат. Во куќите воздухот е студен како да сме надвор. Ние се грееме на печка на пелети, ја набавивме за да биде еколошко и да не загадува, но и пумпата за да работи, треба струја. Од ЕВН секој ден ни велат дека екипите се на терен, како да се работи за неколку часа. Стравуваме како ќе ја поминеме зимата“, вели Силвана Петрова-Насух.

    Без струја се пограничните села Кременица, Меџитлија, Породин, Велушина, Лажец, Кишава и Граешница, потпелистерските Горно Орехово и Брусник, мариовските Орле, Рапеш и други. Сточарите се жалат дека не работи опремата за молзење во шталите и лактофризерите за чување на млекото.

    „Апаратите за молзење и лактофризерите не работат на ветер, туку на струја. Нема со што да ги измолзиме кравите, а млекото што рачно го молзиме, го фрламе, оти не работат лактофризерите. Една сметка ако не платиш, доаѓа опомена, ако нередовно плаќаш, ќе те исклучат и треба да платиш 1.740 денари за приклучок, а сега ние што немаме со денови струја, кого да бараме да ни плати штета“, велат жителите од Породин и Велушина.

    Портпаролот на ЕВН Атанас Ковачевски изјави дека дефектите настанале од големите врнежи со влажен и тежок снег, кој падна во битолскиот регион во неделата. Тој вели дека се искинати голем број проводници на далноводот, а на битолските електромонтери на помош им дојдоа тимови од Охрид и Струга.

    „Екипите прават сѐ да обезбедат нормално снабдување со струја. Дефектите настанаа од невреме, а проблемот не се екипите на ЕВН, тие се решение и останува да работат додека секој кориник не добие напојување со електрична енергија. Отежнато е движењето на моторните зимски возила и на моторната зимска санка, бидејќи екипите треба да се пробијат низ големи наноси на снег и непристапни терени во потпелистерскиот дел, кадешто се наоѓа далноводот. Како што ги санираат дефектите, така ги приклучуваат населените места“, рече Ковачевски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира