ПЕЦАКОВ НЕ МОЖЕ ДА ГИ ДАВА ПЛАЖИТЕ ПОД КОНЦЕСИЈА, ПОРАДИ ТОА ОХРИД ЌЕ ГО ЗАГУБЕШЕ СТАТУСОТ НА УНЕСКО, ВЕЛАТ ОД „ОХРИД СОС“

    ПЕЦАКОВ НЕ МОЖЕ ДА ГИ ДАВА ПЛАЖИТЕ ПОД КОНЦЕСИЈА, ПОРАДИ ТОА ОХРИД ЌЕ ГО ЗАГУБЕШЕ СТАТУСОТ НА УНЕСКО, ВЕЛАТ ОД „ОХРИД СОС“Според „Охрид СОС“ враќање на концесиите не може да има, бидејќи концесии нема, а договорите се истечени со години. (Фото: СДК.МК)

    Изјавата на Кирил Пецаков е крајно неумесна и недолична за лице на така одговорна функција, реагираат од граѓанска иницијатива „Охрид СОС“ по најавите на охридскиот градоначалник дека плажите на охридското крајбрежје ќе се уредуваат и издаваат под концесија следната сезона.

    „Дали ова значи дека Охрид го добива својот Рамиз Мерко?! Во неговата изјава гледаме еден крајно штетен однос кон Регионот исклучиво во служба на крупниот капитал, го гледаме истиот шаблон кој го донесе Регионот на раб на губење на статусот  на УНЕСКО. Се враќаме најмалку 6-7 години назад наместо да одиме напред“, велат од „Охрид СОС“.

    Од таму реагираат на тврдењата на градоначалникот Пецаков дека плажите не се дивоградби оти биле градени по елаборати и проекти со дозвола од Министерството за транспорт и врски, но минатата власт не нашла начин да ги издаде под концесија.

    „Пецаков вели дека објектите на плажите не биле дивоградби. Не само што се дивоградби туку дел и официјално вклучени во Регистарот на нелегални градби од Општина Охрид.  Градењето на цврсти градби од бетон, со прозорци во појасот од 50 метри, со упади внатре во езерото го прави издавањето на таквите дозволи кривично дело за кое мора да се гонат тие лица што ги издале и секако тие инспекциски служби што не постапиле и не си ја исполниле својата службена должност да отстранат незаконски градби“, велат од граѓанската иницијатива која во изминатиов период беше најгласна по заканите на УНЕСКО и спроведувањето на активностите по нотираните забелешки во Извештајот за зачувување на статусот на светско наследство.

    Според „Охрид СОС“ враќање на концесиите не може да има, бидејќи концесии нема. Договорите се истечени со години, а јавноста дозна дека во последните 3-4 години кираџиите не платиле ништо за привилегијата да заработуваат од екплоатација на крајбрежјето на најстарото езеро на Европа.

    „Постапката за издавање на државно земјиште под закуп е регулирана со закон. Воедно, би сакале да го упатиме Пецаков на Планот за управување со светското наследство на Охридскиот Регион (2020-2029) и на постапката околу регулирање на крајбрежјето. Го потсетуваме дека тој како градоначалник е со закон обврзан да го спроведува Планот за управување. Моментално се работи Урбанистички план за крајбрежје, кој како план од државно значење е во надлежност на Министерството за транспорт и врски. Во него треба да биде вградено зонирањето на крајбрежјето – Зона I според Планот за управување. Додека не се усвои тој урбанистички план, крајбрежјето, односно определените зони за плажи, не може да се издаваат под закуп. Откако Урбанистичкиот план за крајбрежје ќе биде готов, општините ќе треба да усвојат и урбанистичка документација за плажи. Сите урбанистичко-плански документи треба да добијат позитивно мислење од Комисијата за управување со Охридскиот Регион“, велат од Охрид СОС..

    Пецаков во изјавата рече дека издавањето ќе се одвива преку јавно надавање, а идните концесионери ќе бидат обврзани да користат природни материјали кои не прават штета врз животната средина. Според најавите, на половина ќе има објекти шанкови, лежалки и други реквзити, а останатите 50 проценти од просторот ќе биде слободен за граѓаните.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира