Министерството за транспорт и врски го поништи решението со кое Општина Битола во јули ни ја одзеде сопственоста врз планинарскиот дом „Копанки“, велат од Планинарско-спортскиот клуб „Пелистер“. Од Општина Битола пак велат дека планинарите погрешно го протолкувале решението на ресорното Министерство.
Членовите на ПСК „Пелистер“ кои поднесоа жалба до Министерството за транспорт и врски, велат дека добиле одговор со кој се утврдува дека решението на Општината е незаконско и целосно треба да се поништи.
„Домот ‘Копанки‘ отсекогаш бил сопственост на ПСК ‘Пелистер‘. Темелите се поставени уште во 1938 година со средства и волонтерска работа на планинарите, со многу тешкотии и опструкции, исто како и денес. Никогаш не бил сопственост на државата или на друг субјект, освен на планинарите. Денешните членови на ПСК ‘Пелистер’ се само чувари на тој имот, а ќе го остават во наследство на наредните генерации. ‘Копанки‘ само на овој начин бил и ќе остане заедничко добро на сите планинари и сите битолчани “, пишува во соопштението.
Понатаму додаваат дека минатата година во обновата на „Копанки“ биле вложени околу 3.000 волонтерски работни часови со учество на над 400 планинари и граѓани на Битола и државата. Заради негативната кампања водена од одредени лица, некои донатори се повлекле, а динамиката на обнова во голема мерка оваа година е успорена. Тие го повикуваат менаџментот на хотелот „Молика“ да овозможи транспорт на градежниот материјал до „Копнаки“ согласно договорот за користење на жичницата склучен меѓу ПСК „Пелистер“ и ЕЛЕМ –Турс.
„Кај Бегова Чешма имаме десеттина кубни метри чакал, кои не можеме да ги транспортираме затоа што корпите од жичарницата во јули годинава беа намерно, експресно извадени, еден ден откако веќе транспортиравме исто толкава количина чакал. Никој нема добивка од тоа што обновата се кочи, а материјалот пропаѓа и да се рафрла. Не сакаме ни да размислуваме за евентуален тужбен поднесок за надомест на штетата, но сите опции се отворени“, велат од ПСК „Пелистер“.
Од Општина Битола, велат дека Министерството за транспорт и врски, решавајќи по жалбата на Здружението ПСК „Пелистер“, одлучи предметот да го врати на повторна постапка во Општината, од формално – правни причини за текот на управната постапка, со одредени насоки за донесување на соодветно решение во однос на легализацијата на планинарскиот дом „Копанки“.
„Здружението ПСК ‘Пелистер‘, кое не било имател на бесправниот објект и согласно законот, не може да биде подносител на барање за утврдување на правен статус, погрешно го протолкува решението на Министерството за транспорт и врски и го пренесува на свој начин. Напротив, со решението на Министерството за транспорт и врски уште повеќе се потврдува дека Општината е во право што ја оспорува легализацијата на Копанки“, соопштија од Општината.
Општина Битола летово донесе решение со кое ја одзеде сопственоста на планинарскиот дом „Копанки“ на Пелистер од планинарско-спортскиот клуб „Пелистер“ и ја пренесе на државата. Од Општината тогаш за делумно ништовно го огласија решението кое беше донесено во 2015 година, со кое објектот беше легализиран и сопственоста му беше дадена на ПСК „Пелистер“. Општината и ПСК „Пелистер“ во изминатите две години не успеаја да се дговорат околу обновата на Домат, па членови на клубот почнаа сами да изведуваат градежни работи.
Ж. ЗДРАВКОВСКА