ПЛАНИНАТА СЕКОГАШ ВРАЌА ПОВЕЌЕ ОТКОЛКУ ШТО БАРА, ВЕЛИ ВИКТОР КАЛАУЗИ КОЈ СЕ ИСКАЧИ ИЛЈАДА ПАТИ НА ПЕЛИСТЕРСКИОТ ВРВ АНТЕНА

    ПЛАНИНАТА СЕКОГАШ ВРАЌА ПОВЕЌЕ ОТКОЛКУ ШТО БАРА, ВЕЛИ ВИКТОР КАЛАУЗИ КОЈ СЕ ИСКАЧИ ИЛЈАДА ПАТИ НА ПЕЛИСТЕРСКИОТ ВРВ АНТЕНАКалаузи (втор од десно) го искачувал врвот Антена го искачувал од сите можни правци и во речиси сите временски услови; - Од јубилејното иладито искачување. (Фото: СДК.МК)

    Искусниот битолски планинар Виктор Калаузи по илјадити пат пеш се искачи на врвот Антена (2.601 метар) на Пелистер. Тој речиси пет децении педантно ги бележи своите планинарски тури, а вчераго запиша и јубилејното илјадито искачување на највисокиот пелистерски врв.

    Но, за него ова не е трка по рекорди. Јубилејот го одбележа скромно, со неколку пријатели планинари и чаша шампањ на врвот, без големи прослави, но со многу спомени од патеките што ги поминал.

    За него Пелистер е втор дом, а љубовта кон планината започнала уште во гимназиските денови, поттикната од природата, фотографијата и истражувачкиот дух. Денес нема пристап до Антена што не го познава. Врвот го искачувал од сите можни правци и во речиси сите временски услови. Иако се искачувал и на врвови повисоки од 6.000 метри на Хималаите, Пелистер останува планината на која секогаш ѝ се враќа.

    „Првпат се искачив во јули 1977 година како гимназијалец со другар ми Благој Ѓоргиевски. Оттогаш водам прецизна статистика и досега сум бил на планина 3.376 пати. Антена ја имам искачено од сите можни правци, но најмногу ја сакам патеката по камењарот. Таму се отвораат најубавите видици. Од каде и да тргнам, го знам патот и не можам да се загубам. Пелистер ни е во крвта нам, битолчани“, вели Калаузи.

    Неговите тури не траат четири или пет часа, туку тоа се целодневни маршрути, кружејќи низ цел планински масив од изгрев до залез. (Фото: СДК.МК)

    Секое искачување педантно го бележи во планинарски дневник – датум, патека, временски услови и природните промени што ги забележал. Неговите тури не траат четири или пет часа, туку тоа се целодневни маршрути, кружејќи низ цел планински масив од изгрев до залез.

    „Тргнувам од 1.000 метри надморска височина, најчесто од потпелистерско село и минувам елевација од 1.500 метри. Правам круг низ масивот за максимално да уживам во планината. Така доаѓа до душевно исполнување. На пример, од Ниже Поле по бандери на Антена, а потоа префрлам на Широка, цел гребен Козји Камен и слегувам или Цапари или Маловишта. Или тргнувам од Лавци преку Неолица, на Големо Езеро, Мало Езеро, Антена и слегувам Копанки, Магарево. Или тргнувам од Брајчино, Големо Езеро, Антена и слегувам во подпелистерските села. Ова е целодневна тура. Ја гледаш планината од сите страни“, вели Калаузи.

    Калаузи ги направил сам 70 проценти од турите. (Фото: СДК.МК)

    Дури 70 проценти од турите ги направил сам. Вели така најубаво се доживува природата. Стануваш дел од неа, доживуваш медитација на планина. Но, каде и да планинари не го напушта најдобриот придружник – фотоапаратот. Низ годините создал архива од илјадници фотографии од Пелистер. Дел од нив биле изложени на самостојна изложба, а многу се објавени во монографии, календари и научни публикации.

    Но, фотографијата за него не е само уметност. Таа е и научна документација. Со години ги следи сезонските промени на повремените глацијални езера на Пелистер, кои ги има 13, и соработува со географ на нивно проучување.

    „Со професорот по географија Никола Димитров, мој пријател, 30 години ги проучуваме измените. Тој со стручни информации, а јас со фотографија. Имаме објавено заеднички трудови. Најново откривме езеро под Бојаџиев Врв, кај месноста Рупа, наречено Гарванот по врвот над него. Тоа е повремено езерце кое трае 2 недели. Се споменуваше претходно дека таму се здржува вода, но јас прв го фотографирав полно“, рече Калаузи.

    За Виктор Пелистер е втор дом, а љубовта кон планината започнала уште во гимназиските денови, поттикната од природата, фотографијата и истражувачкиот дух. (Фото: СДК.МК)

    Секоја година ги ислачува врвовите на Баба над 2.000 метри по сите можни патеки и правци. Пасија му е качувањето по камените реки кои на Пелистер ги има во изобилие.

    „Сум ги искачил сите можни камењари на Пелистер. За повеќето нема ни приод. На пример, од Бабин Заб до Муза има 9 камењари, се качувам по час и пол до 2 часа во еден правец. Интересно е, зашто се отвораат нови видици. Некои се компактни, а други имаат прекини, некаде големи камени блокови. Фотографирањето ме тераше да одам на што повеќе непристапни терени каде не оди секој“, вели Калаузи.

    И покрај илјада искачувања, Калаузи не зборува за рекорди. Вели дека најголемата награда не е бројката во дневникот, туку чувството кога ќе бидеш дел од планината. Се надева дека неговиот пример ќе поттикне повеќе млади луѓе да ја откријат убавината на Пелистер, затоа што, како што вели, „планината секогаш враќа повеќе отколку што бара“.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира