ПЛАНИНИТЕ ВО ЈУГОИСТОКОТ ДА СТАНАТ НАЦИОНАЛНИ ПАРКОВИ ЗА ДА СЕ СТОПИРААТ РУДНИЦИТЕ, БАРААТ ЕКО АКТИВИСТИТЕ

    ПЛАНИНИТЕ ВО ЈУГОИСТОКОТ ДА СТАНАТ НАЦИОНАЛНИ ПАРКОВИ ЗА ДА СЕ СТОПИРААТ РУДНИЦИТЕ, БАРААТ ЕКО АКТИВИСТИТЕИницијативата за прогласување на планинските комплекси Беласица, Огражден и Кожув, но и Дојранското Езеро за национални паркови, е дел од активностите на здруженијата за борба против отварање рудници во овој дел на државата

    Преставници на еколошки друштва и здруженија од Југоистокот формираат регионална граѓанска иницијатива за прогласување на планинските комплекси Беласица, Огражден и Кожув, но и Дојранското Езеро за национални паркови. Иницијативата е дел од активностите на здруженијата за борба против отварање рудници во овој дел на државата. Во оваа регионална иницијатива влегоа преставници на здруженијата за спас на Гевгелија, Валандово, Дојран, Богданци, Здрава Котлина од Струмица, и од еколошките друштва Полимат 13 Богданци и Еко долина од Ново Село.

    Ангел Наков од Спас за Гевгелија потврди дека ја почнале постапката за прогласување на планините од Југоистокот за национални паркови, односно за нивно прогласување за заштитени подрачја, со цел да се стопираат изградбата на рудниците во овој регион, но и да се заштитат природните реткости и богатата флора и фауна во овој дел од државата.

    „Ќе работиме по теркот на грчките активисти кои успеа пред неколку години појасот од Дојранското Езеро до Кајмакчалан да го прогласат за национални заштитени паркови. Со нив веќе имаме закажано средба при крајот на март, а веќе со неколку професори од Природноматематичкиот факултет работиме на поставување на контурите на ова стратегија, бидејки ќе се потребни истражувања, анализи, потврда на биодиверзитетот и хидролошката состојба“, рече Наков кој потврди дека има најава да се приклучат и здруженија од Кавадарци, Демир Капија и Неготино.

    Според него, целата постапка е огромна и ќе трае со години, но нема да се откажат од намерата идните генерации да ги заштитат од негативното влијание на евентуалното отварање на тешка и загадувачка индустрија. Со прогласување на овие планини во национални паркови или заштитени подрачја се отвара можноста за развој на руралниот и селскиот туризмот, органско земјоделско производство, обновливите извори на енергија, вели тој.

    „На Кожув имаме голем број извори, потоа локалитетот со минерална вода Смрдлива Вода. Сите го знаат Земјениот Брег кој се протега од подножејто до врвот на Кожув и со својата разноликост на растенија преставува единствена оригинална ботаничка градина на Балканот и природен учебник. На Беласица исто така има природни убавини, водопади, извори, разновидна флора и фауна. Таму е и единственото мочуриште во Македонија Моноспитовско Блато. За Дојранското Езеро и да не зборуваме, оти е најтоплото езеро во Европа“, вели Наков кој тврди дека оваа иницијатива е во корист на идните генерации оти ќе овозможи гарантиран зелен штит во Југоистокот.

    Лани, граѓанските активисти од Југоистокот иницираа референдуми на кои граѓаните се изјаснуваа дали се за или против отварање рудници. Во Гевгелија, Богданци и Дојран граѓаните кажаа не за отварање рударски капацитети, додека во Валандово, Босилово и Ново Село референдумите не успејаа поради недоволната излезеност.

    Премиерот Зоран Заев за време на кампањата за локалните избори од валандовско Јосифово рече дека рудници во Југоистокот ќе нема. Во меѓувреме, комплексот Казандол за кој инвеститорите тврдат дека нема да загадува, влегува во завршна фаза. Тие доставија барање со сета документација и од надлежните институции чекаат да добијат А интегрирана еколошка дозвола, со што и официјално ќе започне процесот на ископот на руда и производство на катоден бакар.

    В. ТРАЈКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира