ПЛАНИНСКАТА СПАСИТЕЛНА СЛУЖБА Е ПОТРЕБНА, НО НЕ НАЈДОВМЕ НАЧИН ДА ЈА ФИНАНСИРАМЕ, ВЕЛИ ГРАДСКАТА ВЛАСТ ВО ОХРИД

    ПЛАНИНСКАТА СПАСИТЕЛНА СЛУЖБА Е ПОТРЕБНА, НО НЕ НАЈДОВМЕ НАЧИН ДА ЈА ФИНАНСИРАМЕ, ВЕЛИ ГРАДСКАТА ВЛАСТ ВО ОХРИДСпасителите обвинуваат дека безбедноста и здравјето на граѓаните им е на последно место во приоритетите на охридскиот Совет на Општината и градоначалникот. (Фото: ПСС)

    Во буџетот на Општина Охрид нема пари за Планинската спасителна служба (ПСС), единствената служба во државата која нуди 24-часовна услуга по највисоките светски стандарди. Градските власти се правдаат дека нема законска можност за тоа, а спасителите обвинуваат дека безбедноста и здравјето на граѓаните им е на последно место во приоритетите на Советот на Општината и градоначалникот.

    „Никој не е против Планинската спасителна служба, туку мора да се најде вистинскиот модел за функционирање на службата. Не може ние како Општина да префрламе пари на организација која се декларира како волонтерска, а во извештајот стои финансии за плата за волонтерите“, смета градоначалникот на Охрид Константин Георгиески, откако градските советници не дадоа зелено светло за финансиска поддршка на службата.

    Георгиески уверува дека нема против нивното функционирање, напротив рече, тоа е потреба за градот, но мора да се изнајде законско решение за доделување финансиска помош.

    „Заедно сме организирале разни настани, а во пандемијата тие со мобилните тимови беа во служба на граѓаните. Со одлука на Советот им го доделивме Планинарскиот дом во Велестово, што значи дека секогаш сме биле на иста бранова должина“, вели Георгиески.

    И советничките групи на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, кои гласаа воздржано на седницата, велат дека постојат законски пречки за да им се одобрат средства од општинскиот буџет.

    „Беше кажано дека средствата ќе бидат наменети за плати и трошоци за плати за лицата кои биле анагажирани во спасителната служба. Планинската спасителна служба е потребна за нашиот град како туристички центар и има големо значење за развој и унапредување на рекреативниот и алтернативниот туризам. Токму поради овие причини потенцираме дека како советници во Советот на Општина Охрид сме отворени и подготвени за соработка и изнаоѓање на решение кое ќе биде во рамките на правните процедури и законските прописи“, велат советниците на СДСМ.

    „Не ја спориме потребата од постоење на ваква служба и среќни сме што благодарение на средствата од европски фондови и Министерство за локална самоуправа овој проект доживеа реализација. Но и покрај тоа, останува императив секој денар на парите од граѓаните, особено во услови на криза во кои живееме, да биде потрошен на законски и транспарентен начин“, додаваат од советничката група на ВМРО ДПМНЕ.

    За ПСС ваквите ставови се неаргументирани и ја покажуваат незаинтересираноста како на градоначалникот така и на советниците за одржливоста на Службата.

    Според нив, барањето за поддршка на Службата се темели на детални анализи и проценки содржани во Студијата за финансиска одржливост, согласно кои општините би требало да учествуваат со 50 проценти во вкупниот буџет на Службата, државата во иднина преку Дирекцијата за заштита и спасување со 30, а 20 проценти Службата би обезбедувала од донации и дополнителни услуги.

    „Во вкупната пресметка на буџетот, покрај материјалните трошоци за одржување на целокупниот систем, предвидени се и трошоци за осигурување, стручно усовршување и покривање на трошоците на волонтерите кои ги прават за време на редовните тренажни активности и спасителните операции, трошоци кои во случајов, за жал, намерно или не, поединци ги мешаат со терминот плати“, велат од ПСС.

    Според спасителите, Службата не добила ни денар од локалните власти во изминатите 19 години, работеле благодарение на ентузијазмот на волонтерите, кои покрај својата пасија за алпинизам, планинарство и спасување на човечки животи, биле и докажани професионалци во своите области кои не очекувале „плата“ како награда за она што го прават доброволно, туку соодветен третман и грижа од системот во кој го вложувале сопственото здравје.

    „Нивниот ентузијазам и несебично залагање, во Охрид донесоа инвестиции од Европските фондови и изградија ефикасен систем, за чии резултати и финансиско работење добивме највисоки оценки од страна на донаторите. Очигледно, овој систем на европски вредности советниците не можат или не сакаат да го разберат, иако како што изјавуваат се свесни за неговото значење“, велат од ПСС.

    Во првите три месеци од годинава, Оперативниот центар на Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид, регистриал рекордни 27 повици за интервенција на терен. Често станувало збор за повредени лица во непристапен терен, достава на храна и лекови, асистенции поради заглавени возила, па дури и спасување на домашни миленици.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира