По десет години, конечно е завршена доградбата на барокната зграда на Министерството за транспорт и врски на Плоштадот Филип Втори во Скопје. Зградата која почна да се доградува во 2011 за уште два ката и да се менува фасадата во барок стил, со години немаше технички прием.
Од Министерството за транспорт и врски велат дека проблемите се надминати, зградата добила технички прием и веќе администрацијата е преселена во реновираните простории.
Обновата на објектот со најава за надградба за уште два ката почна во ноември 2011 година. Првиот рок за завршување на градежните активности беше една година, но тој беше поместен неколку месеци откако почна градењето на барање на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија бидејќи не беше во согласност со сеизмичките стандарди.
Првиот проект за обнова на зградата предвидуваше рамен покрив со градина во која требаше да бидат поставени украсни скулптури, а просторот беше најавен како место за одмор на вработените, но изведениот покрив не е рамен, а скулптурите место на покривот, ставени се како украси на фасадата.
За доградба за два ката на зградата потрошени се 5,7 милиони евра. Експертите забележуваат дека оваа доградба е прескапа. Со истите пари Министерството, место да прави надградба и доградба, можело од темел да изгради сосема нов објект. За споредба, од истиот проект „Скопје 2014“, целосната изградба на зградата во се смести Агенцијата за аудиовизуалени услуги, пред некогашниот хотел „Бристол“, спроти Музејот на Град Скопје, чини 4,7 милиони евра. Зградата има приземје, осум ката и поткровје чија изградбата е поевтина од доградбата на Министерството за транспорт и врски.
А. АНТЕВСКА