ПО 11 ГОДИНИ ЗАСТОЈ ПРОДОЛЖУВА ИЗГРАДБАТА НА ЗАТВОРЕНИОТ БАЗЕН ВО ОХРИД, ЗА ШТО СЕ ОБЕЗБЕДЕНИ 7,6 МИЛИОНИ ЕВРА

    ПО 11 ГОДИНИ ЗАСТОЈ ПРОДОЛЖУВА ИЗГРАДБАТА НА ЗАТВОРЕНИОТ БАЗЕН ВО ОХРИД, ЗА ШТО СЕ ОБЕЗБЕДЕНИ 7,6 МИЛИОНИ ЕВРАОд Општина Охрид очекуваат работите да завршат за најмногу две години (Фото: СДК.МК)

    По речиси 11 години застој, конечно ќе продолжи изградбата на затворениот базен во Охрид. Владата донесе одлука со која се овозможува продолжување на проектот, а за негово целосно завршување се обезбедени 470 милиони денари (7,6 милиони евра).

    Изградбата на базенот започна во 2015, но проектот со години остана недовршен поради низа технички, финансиски и административни проблеми.

    По преземањето на надлежностите, Министерството за спорт извршило анализа на состојбата и утврдило потреба од измени на основниот проект, особено во делот на машинското одделение, снабдувањето со топла вода и потрошувачката на електрична енергија. Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, вели дека во изминатиот период се работело на надминување на проблемите што го кочеле проектот.

    „За базенот поминавме процес од отприлика година и пол, и како локална и како централна власт, во кој се решаваа доста недостатоци во самиот проект. Најголемиот проблем беше во машинското одделение, односно начинот на кој ќе се снабдува објектот со топла вода, но и потрошувачката на електрична енергија“, вели Пецаков.

    Дополнителен проблем бил и фактот што првичната тендерска документација била подготвувана во 2014 и 2015, кога цените на материјалите и услугите биле значително пониски од денешните. Поради променетите услови, проектот се усогласува со актуелните стандарди и се бараат решенија што ќе обезбедат и поголема енергетска ефикасност на објектот.

    Конкретниот рок за завршување ќе биде познат по отворањето на тендерската документација, но од Општина Охрид очекуваат работите да завршат за најмногу две години.

    Со завршувањето на објектот, Охрид треба да добие современ затворен базен, што ќе овозможи подобри услови за тренинг на пливачите и ватерполистите, развој на младите категории и организирање спортски натпревари.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира