ПО 20-ГОДИШЕН СУДСКИ СПОР, СУДОТ ВО СТРАЗБУР ЈА ЗАДОЛЖИ МАКЕДОНИЈА ДА МУ ИСПЛАТИ 11.000 ЕВРА НА ШТИПЈАНЕЦОТ СЛАВЧО МИТЕВСКИ

    ПО 20-ГОДИШЕН СУДСКИ СПОР, СУДОТ ВО СТРАЗБУР ЈА ЗАДОЛЖИ МАКЕДОНИЈА ДА МУ ИСПЛАТИ 11.000 ЕВРА НА ШТИПЈАНЕЦОТ СЛАВЧО МИТЕВСКИСлавчо Митевски одржа прес-конференција пред судската зграда во Штип и најави кривични пријави и преставки за одредени штипски судии (Фото: Т. Јовановски)

    Славчо Митевски (66), претседател на Општина Штип од 1984 до 1986 година, по 20-годишен судски спор доби пресуда од Европскиот суд за човекови права во Стразбур, со која Република Македонија е должна да му исплати 11.000 евра за неразумен рок од страна на македонските судови.

    „Место да се казнат оние раководители и судии кои работеле незаконски, сега штетата ја плаќаат македонските граѓани“, изјави Митевски на денешната прес-конференција, што ја одржа пред судската зграда во Штип, кадешто лани секој петок протестираше и собираше потписи против лошото работење на одредени судии во Македонија.

    Според неговото објаснување, пред 20 години, Бирото за вработување требало да му исплати 60.000 денари стечаен надомест. Иако Врховниот, а подоцна и Управниот суд го задолжувале Бирото да постапи според законот, тоа секогаш донесувало спротивни решенија, на штета на Митевски.

    „Поради незаконско работење, злоупотреба на службената положба и фалсификување и уништување на деловни книги, деновиве поднесов кривична пријава против Агенцијата за вработување во Штип и нејзиниот раководител, кој пред еден месец, пред да биде сменет од функцијата, по кој знае кој пат, пак го донесе истото негативно решение на моја штета“, изјави Митевски, кој пред 20 години, како дипломиран машински инженер, бил вработен во фабриката за светилки „Селена“ во Штип.

    Според него, полицијата, врз основа на неговата пријава, веќе презела оперативни мерки за конкретизирање на злоупотребите. Истовремено, Митевски до Судскиот совет и до другите правни институции во Македонија поднел преставки за тројца судии од Апелациониот суд во Штип, кои место да се изземат од решавање на неговата тужба, донеле пресуда спротивна на законот.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари