Канализационата мрежа во тетовските градинки 30 години била запоставена и воопшто не се одржувала. Конечно, после три децении Јавното комунално претпријатие (ЈКП) „Шар“ од Тетово започна со системско чистење и одржување на канализационата мрежа во сите градинки во градот. Тоа го прават за да се подобрат хигиенските услови и да се создаде поздрава и побезбедна средина за најмладите.
„По повеќе од 30 години, канализационата мрежа во објектите и дворовите на градинките повторно е ставена во фокус на редовно и темелно одржување. Долгогодишната запоставеност не смее да биде причина проблемите да продолжат. Сегашното раководство на ЈКП ‘Шар’ одлучи тоа да се промени и активностите да започнат веднаш. Екипите на претпријатието работат на чистење на шахтите, канализационите линии и одводниот систем, со цел да се отстранат насобраните нечистотии и да се овозможи нормално функционирање на мрежата. Ова не е само прашање на функционалност на канализацијата. Редовно чистата и одржувана канализациона мрежа е важен дел од хигиената и здравата животна средина, особено во простори каде секојдневно престојуваат деца“, соопшти „Шар“.
Од „Шар“ најавуваат дека ќе продолжат со активностите на терен и во останатите градинки, за да редовното одржување на канализационата инфраструктура да стане континуирана обврска, а не активност што се реализира само повремено.
З. АНДОНОВ



