ПО 38 ГОДИНИ ВО ЈАВНОТО ЗДРАВСТВО ДОКТОР САШО СТОЈЧЕВ ЗАМИНУВА КАКО МЕНАЏЕР НА ПРИВАТНА БОЛНИЦА

    ПО 38 ГОДИНИ ВО ЈАВНОТО ЗДРАВСТВО ДОКТОР САШО СТОЈЧЕВ ЗАМИНУВА КАКО МЕНАЏЕР НА ПРИВАТНА БОЛНИЦАБолницата „8 Септември“ стана претесна за мене и за моите идеи за развој кои не наидоа на разбирање кај менаџментот и здравствените власти па го прифатив предизвикот да се докажам и во приватниот сектор - д-р Сашо Стојчев на новото работно место во тетовска приватна болница (Фото: Уан хоспитал)

    Доктор Сашо Стојчев, долгогодишен директор на Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје, од периодот на трансформацијата на некогашната Воена болница во системот на јавното здравство, замина за менаџер на приватна болница во Тетово.

    Стојчев, кој е специјалист невропсихијатар, вели дека по 38 години си заминал од болницата во која ги поминал сите скалила на професионална и стручна надградба затоа што „едноставно болницата стана претесна за мене и за моите идеи за развој кои не наидоа на разбирање кај менаџментот и здравствените власти“.

    Тој беше директор на болницата од 2009 до 2017 година. Во тој период, четири години по ред, од 2013 до 2016 година ГОБ „8 Септември“ беше прогласувана за најдобра јавна здравствена установа.

    „Најголем предизвик ми беше кога во 2009 година, како воено лице со чин полковник заедно со мојот тим ја почнавме тивката трансформацијата на Воената болница во јавна болница. Во текот на 2-3 години се вработија над 580 луѓе од најразлични профили, неколкукратно го зголемивме бројот на прегледи и интервенции и „8 Септември“ стана препознатлив бренд во системот на јавното здравство и во државата. Знаете какво е чувството кога ионака силниот бренд „Воена болница“  уште од времето на бившата држава и ЈНА успеавме да го поклопиме со уште посилен бренд „8 Септември“, а јас сум дел од таа приказна уште од 1981 година, па и двата бренда ми се подеднакво драги“, вели професор Стојчев.

    На прашањето дали тоа е причината зошто си заминува од болницата во која бил дел од тимот  речиси од нејзиното основање тој одговара: „Последните години  не бев во состоја да го пренесам мојот менаџерски потенцијал, знаење и искуство. Едноставно болницата не е таква како што јас би сакал да биде па без долго размислување се прифатив на новиот предизвик, да се докажам и во приватниот сектор“.

    Од почетокот на годинава д-р Стојчев е директор на тетовската болница „Уан хоспитал“ основана со турски капитал.

     

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари