ПО 39 ГОДИНИ СТАЖ ПРОФЕСОР ОД БИТОЛСКИОТ УНИВЕРЗИТЕТ ОТПУШТЕН ОД РАБОТА, ОТКАЗОТ СООПШТЕН НА ИСПИТ ПРЕД СТУДЕНТИТЕ

    ПО 39 ГОДИНИ СТАЖ ПРОФЕСОР ОД БИТОЛСКИОТ УНИВЕРЗИТЕТ ОТПУШТЕН ОД РАБОТА, ОТКАЗОТ СООПШТЕН НА ИСПИТ ПРЕД СТУДЕНТИТЕВисоката медицинска школа во Битола без негово знаење го одјавила проф. Томе Наумов во Агенцијата за вработување откако наполнил 64 години, иако потпишал изјава дека ќе продолжи до законскиот максимум до 67 години. (Фото: СДК.МК)

    Академскиот професор Томе Наумов по 39 години професорски стаж во Високата медицинска школа во Битола е отпуштен од работа поради пензионирање без претходно да биде известен. Тој се пожали дека незаконски и без негово знаење Школата го одјавила во Агенцијата за вработување откако наполнил 64 години, иако потпишал изјава дека ќе продолжи со предавање до законскиот максимум, односно до 67 години.

    „Се затекнав во една непристојна ситуација во текот на вчерашниот ден, при држење испит пред студентите ми беше соопштено дека сум одјавен во Агенцијата за вработување. Бев вчудоневиден. Надвор од Законот за високо образование сум одјавен во Агенцијата иако исполнувам 64 години. Правото на професорот е со изјава да продолжи до 67 години. Ќе поднесам кривична пријава против директорката, од нејзиното доаѓање институцијата постојано е на суд“, рече проф. Наумов.

    Тој додава дека Законот за образование е јасен, оној професор што ќе наполни 64 години има право да го продолжи работниот век до 67,  ако наполни 67 години треба да му се дозволи да ја заврши академската година која завршува на 30 септември.

    Директорката на Високата медицинска школа Домника Рајчановска вели дека сите одлуки што ги донела во врска со професорот Наумов се засноваат врз почитување на одредбите од Законот за работни односи и Законот за високото образование.

    „Точно е дека професорот достави изјава за продолжување на работниот стаж, но веројатно од само нему познати причини, истата е доставена непосредно пред тој да наврши 64-годишна возраст, со што е прекршен член 104, став 3 од Законот за работни односи. Тоа значи, дека секое мое поинакво постапување би било спротивно на Законот“, вели директорката.

    Од Ректоратот на Битолскиот универзитет соопштија дека ниту еден пишан документ поврзан со професорот Томе Наумов не е пристигнат кај нив и без документација не може да се коментира.

    И претходно имало несогласувања меѓу Наумов и раководството на Школата. Тој во неколку наврати претходно, а и сега обвини институцијата не го исполнува основниот лимит за работа, а тоа се 10 редовни професори за да може да функционира. Вели дека четири години опстојувала со девет, а сега со осум.

    Директорката пак возврати: „Ова не е прв пат професорот преку сите можни средства, вклучувајќи ги и медиумите да ја обвинува за непочитување на законите, но секогаш се докажало дека не бил во право“.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира