Жителите на преспанското село Љубојно, кои протестираа 128 дена против голата сеча во манастирската шума над селото, протестите ги ставија во мирување. Тие соопштија дека ваквиот чекор следува по добивањето допис од Министерство за земјоделство, шумарство и водостаопанство оти е побарано експертско мислење за состојбите во атарот на селото предизвикани со сечата, како и проценка колку таа е ризична по месното население, имотите и локалната инфраструктура.
„Простестите се во мирување сѐ додека не се донесе одлука за стопирање на сечата и секој чекор на институциите будно ќе биде следен. Доколку не се промени планот за сеча, протестите ќе продолжат“, соопштија од граѓанскaта иницијатива „Љубојно“.
Протестите траеја четири месеци. Жителите секојдневно се собираа барајќи да запре сечата и да се измени Посебниот план за стопанисуствање со шумите и шумско-стопанската единица Пелистер-Брајчино со важност 2024-2033 година, изработен од Јавното претпријатие (ЈП) „Национални шуми“, а одобрен од министерствата за земјоделство и за одбрана. Жителите стравуваа дека со сечата која почна летото 2025, ќе настане ерозија на земјиштето и ќе се загрози опстанокот на селото со одрони и поплави.
Министерството за земјоделство деновиве ги информираше дека побарало од „Национални шуми“ – Сектор за уредување шуми, како и до Факултетот за шумски науки, пејсажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ од Скопје, да извршат теренски увид и да дадат експертско мислење во врска со посочениот план за стопанисување со овој дел од шумаата, со посебен осоврт за состојбата во атарот на село Љубојно, како и проценка на ризик по месното население, имоти на луѓето и постоечка локална инфраструктура од извршување на предвидените активности. Од Министерството велат дека по добивањето на експертското мислење, ќе ги преземат неопходните активности.
Според Планот, годинава со чиста сеча требаше да се исечат 4.169 кубика дрва маса во двата оддела 29б и 30б, а поради протестите на жителите се стигна до 1.514. Теренот под концесија беше даден на фирмата „Диба трејд“ од Косел.
Ж. ЗДРАВКОВСКА
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА И ОВА НА НАШИОТ ЈУТЈУБ КАНАЛ:



