ПО 45 ДЕНА, ВО ДЕБАР НОВ СЛУЧАЈ НА КОВИД-19, ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НАЈАВИ ДЕКА ЌЕ ИМ СЕ МЕРИ ТЕМПЕРАТУРА НА СИТЕ КОИ ЌЕ ВЛЕЗАТ ВО ГРАДОТ

    ПО 45 ДЕНА, ВО ДЕБАР НОВ СЛУЧАЈ НА КОВИД-19, ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НАЈАВИ ДЕКА ЌЕ ИМ СЕ МЕРИ ТЕМПЕРАТУРА НА СИТЕ КОИ ЌЕ ВЛЕЗАТ ВО ГРАДОТ„Апелирам до сите граѓани да се придржуваат до мерките, да држат растојание, да носат маски. На тој начин ќе спречиме појава на втор бран на епидемијата во Дебар“, рече градоначалникот Дука. (Фото: Општина Дебар)

    Во Општина Дебар, после месец и половина повторно вчера е дијагностициран пациент позитивен на КОВИД-19. Градоначалникот на Општина Дебар Хекуран Дука на денешната прес-конференција кажа дека жена од селото Долно Косоврасти вчера била примена на Општата болница во Дебар со висока температура, по што била пренесена во Скопје на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ).

    „На КАРИЛ земен е брис на пациентката, а резултатот од тестот е позитивен. Жената имала контакти со домашни, со пријатели и роднини кои ја посетувале дома и со медицинските работници кои вечерта биле на дежурство. Епидемиологот од Дебар веќе прави анкета на сите контакти, по што ќе се стават во домашна изолација“, рече градоначалникот Дука.

    Тој кажа дека со појавата на новиот случај, Општината ќе ги зајакне превентивните мерки и на сите граѓани кои ќе влегуваат во Дебар ќе им се мери температура. Ќе се дезинфицираат селата Долно и Горно Косоврасти како и сите улици низ градот.

    „Апелирам до сите граѓани да се придржуваат до мерките, да држат растојание, да носат маски. На тој начин ќе спречиме појава на втор бран на епидемијата во Дебар“, кажа Дука.

    Во Дебар од почетокот на епидемијата има вкупно 51 заболен, од кои 4 починати.

    Државната агенција МИА објави дека денеска Институтот за јавно здравје потврдил оти во земјава има над 150 нови позитивни од КОВИД-19, но целосните податоци ќе бидат објавени подоцна денеска.

    Вчера беа регистрирани рекордни 120 случаи на КОВИД-19, од кои 67 се од Скопје, а починаа уште 2 заболени. Од почетокот на епидемијата, во земјава вкупно ковид дијагностицирани се 2.611, оздравени се 1.621, починати се 147, а  активни се 843.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира