ПО 50 ГОДИНИ ВО ОПШТИНА ЦЕНТАР ПОЧНА ДА СЕ ГРАДИ ГРАДИНКА, ПРВА ВО НАСЕЛБАТА ПРОЛЕТ

    ПО 50 ГОДИНИ ВО ОПШТИНА ЦЕНТАР ПОЧНА ДА СЕ ГРАДИ ГРАДИНКА, ПРВА ВО НАСЕЛБАТА ПРОЛЕТНовата градинка ќе се простира на вкупна бруто површина од 3.276 метри квадратни, со капацитет за згрижување на 150 деца, ќе има 9 занимални. (Фото: Модел од градинката - Општина Центар)

    Општина Центар денеска почна со градежни работи за изградба на градинка во населбата Пролет. Оваа градинка ќе биде првата која ќе се изгради во оваа скопска центарска населба и прва воопшто што почнува да се гради во Општината по повеќе од 50 години. Изградбата на градинката е целосно финансирана од Општина Центар и ќе чини околу 2,5 милиони евра.

    Изминатиов период посветено работевме за да го оствариме ова ветување пред граѓаните, прва градинка во населба Пролет. Со изградбата на оваа градинка, овозможуваме децата кои се на листите на чекање за прием во детските градинки во другите населби да влезат во воспитно-образовниот систем и да се подготват за образовниот процес. Воедно, им помагаме и на младите родители згрижувајќи ги нивните дечиња, но и создаваме услови за нови вработувања“, изјави градоначалникот Горан Герасимовски.

    Маркичката за градинката е нацртана во времето за ексградоначалникот Саша Богдановиќ при измена на Деталниот урбанистички план за овој дел од Центар. Со претходниот план, донесен во времето на ВМРО-ДПМНЕ, на местото беше вцртан објект со деловна намена.

    Новата градинка ќе се простира на вкупна бруто површина од 3.276 метри квадратни, со капацитет за згрижување на 150 деца, ќе има 9 занимални. Како што кажа Герасимовски, во градинката ќе има надворешно игралиште до кое можат да пристапат и деца со попреченост во движењето. Исто така, ќе биде изграден и лифт за лица со инвалидитет и попреченост во движењето покрај едното скалишно јадро. Особено важно е што градинката ќе располага и со просторија за лекар со изолација за дете и просторија за стручни соработници. Предвидена е и изградба на кујна само за потребите на градинката, со што децата ќе добиваат свежо зготвена и здрава храна.

    Во моментов, во Општина Центар на листа за чекање за упис во градинка се 200 деца.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира