ПО 8 МЕСЕЦИ ГОТОВ ПЛОЧНИКОТ ПРЕД ГТЦ, ДЕЛОТ ЗА „ШПАНСКИ СКАЛИ“ Е ПРИВАТЕН ИМОТ И НЕ МОЖЕ ДА СЕ РЕНОВИРА, ВЕЛАТ ОД ГРАД СКОПЈЕ

    ПО 8 МЕСЕЦИ ГОТОВ ПЛОЧНИКОТ ПРЕД ГТЦ, ДЕЛОТ ЗА „ШПАНСКИ СКАЛИ“ Е ПРИВАТЕН ИМОТ И НЕ МОЖЕ ДА СЕ РЕНОВИРА, ВЕЛАТ ОД ГРАД СКОПЈЕЗа продажбата на државното земјиште за изградба на Шпанските скали, Обвинителството за организиран криминал и корупција во декември лани поднесе обвинение против ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и уште против 10 службени лица од Министерството, од Катастар, против нотар, поранешен заменик правобранител и бизнисмени. (Фото: К. Попов)

    Просторот пред Градскиот трговски центар (ГТЦ) и Портата конечно е слободен за движење. Град Скопје, осум месеци откако почна со реконструкција и менување на изгледот на овој цел на центарот на градот, деновиве заврши со градежните работи.

    Долж патеката засадени се дрвја, поставени клупи и корпи за отпадоци. Во делот кај Портата поставени се хидраулични столпчиња, за да се спречи влез на автомобили на Плоштадот Македонија.

    Покрај нов плочник, поставени се клупи и корпи за отпадоци и засадени дрвја. (Фото: К. Попов)

    Простот пред трговскиот центар „Лумикс“ не е опфатен со реконструкцијата и тој сега е раскопан и заграден со огради. Од Градот објаснуваат дека овој простор не може да се реновира бидејќи е приватен имот, односно за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ ова државно земјиште беше продадено на албанската фирма „Амадеус груп“, која тука требаше да ги гради т.н. „Шпански скали“.

    За продажбата на државното земјиште за изградба на „Шпанските скали“, Обвинителството за организиран криминал и корупција во декември лани поднесе обвинение против ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и уште против 10 службени лица од Министерството, од Катастар, против нотар, поранешен заменик правобранител и бизнисмени. Тие се осомничени за злоупотреба на службена должност за договори за продавање на државно земјиште во центарот на Скопје за таканаречените „Шпански скали“, проект кој требаше да биде дел од „Скопје 2014“. Договорите за земјиштето биле дополнувани со анекси и покрај тоа што не биле исполнувани условите за тоа. Во обвинението се вели дека со своите дејствија обвинетите предизвикале штета на буџетот во вкупен износ од 2,6 милиони евра.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира