ПО ЧЕТИРИ ГОДИНИ РЕКОНСТРУИРАНА Е УЛИЦАТА ВО МАЛА РЕЧИЦА КОЈА БЕШЕ ОШТЕТЕНА ВО ПОПЛАВАТА ВО 2015

    ПО ЧЕТИРИ ГОДИНИ РЕКОНСТРУИРАНА Е УЛИЦАТА ВО МАЛА РЕЧИЦА КОЈА БЕШЕ ОШТЕТЕНА ВО ПОПЛАВАТА ВО 2015Обновата на улицата доцнеше бидејќи предност добиле важни сообраќајници во Тетово (Фото: СДК.МК)

    По речиси четири години, конечно е обновена улицата во Мала Речица која беше целосно оштетена во поплавата во август 2015. Дел е асфалтиран, а дел е покриен со бекатонски плочки, направено е бетонско корито за потокот кој тука проаѓа, засадени се дрвја и поставени клупи. Обновената улица во употреба ја пушти градоначалничката на Тетово Теута Арифи.

    „Тоа што оваа улица толку долго не беше поправена ни претставуваше проблем, иако имавме и алтернативен пат по кој одевме. Добро е што не само што се асфалтираше овој дел од улицата, туку со бекатонски плочки е поплочен и горниот дел од улицата, што не беше направено пред поплавата“, вели Арменд од Мала Речица.

    Неговиот сосед Аметали исто така е задоволен што е изградена улицата, но има и забелешки.

    „Јас ѝ реков на градоначалничката дека долго чекавме да се поправи улицата, ама еве гледам дека сè уште не е до крај завршена работата. Ова мене ми изгледа само како камуфлажа, бидејќи треба уште да се работи на уредувањето на другата страна од улицата. Исто така, ѝ кажав за ветувањето кое беше дадено пред изборите дека веднаш до оваа улица, каде порано беше сточниот пазар, ќе се изгради училиште. Од тоа ветување сè уште нема ништо“, вели Аметали.

    Во невремето во август 2015, надојдениот поток предизвика голема поплава и материјална штета во Мала Речица (Фото: СДК.МК)

    Арифи вели дека каснењето со реконструкцијата е поради тоа што претходно морале да завршат со реконструкцијата на неколку важни сообраќајници во Тетово, кои биле во многу лоша состојба.

    „Се чека многу години кога наследувате град во кој ниедна улица не е направена како што треба, па прво мораа да се реновираат булеварот Илирија, индустрискиот булевар, улицата Мурат Бафтијари и уште многи други кои беа запоставени“, објасни Арифи.

    На 4 август 2015 во попладневните часови, големо невреме го зафати овој дел на Тетово, а надојдениот поток со невидена жестина донесе огромни наноси од камења, кал и песок, кои беа високи и неколку метри. Во поплавата беше предизвикана голема материјална штета на куќите, возилата и имотот на жителите од овој дел на Мала Речица. Една година подоцна, овде повторно имаше полпава, а и тогаш надојдената вода причини штети.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира