ПО ДЕЦЕНИЈА ИЗГРАДБА, ДО НОВА ГОДИНА ЌЕ СЕ ОТВОРИ НОВОТО КРИЛО СО ЧЕТИРИ ОПЕРАЦИОНИ САЛИ ВО БОЛНИЦАТА „СВЕТИ ЕРАЗМО“ ВО ОХРИД

    ПО ДЕЦЕНИЈА ИЗГРАДБА, ДО НОВА ГОДИНА ЌЕ СЕ ОТВОРИ НОВОТО КРИЛО СО ЧЕТИРИ ОПЕРАЦИОНИ САЛИ ВО БОЛНИЦАТА „СВЕТИ ЕРАЗМО“ ВО ОХРИДСо завршувањето на новото крило, „Свети Еразмо“ од една и пол операциона сала со која располага во моментов, ќе добие четири современи операциони сали, опремени со нова медицинска опрема. (Фото: СДК.МК)

    По речиси една деценија застој, новото крило на Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ во Охрид влегува во завршна фаза. Објектот, чија инвестиција ќе надмине два милиони евра, се очекува да биде ставен во употреба до Нова година, со што болницата треба да добие значително поголеми и посовремени капацитети за лекување и хируршки интервенции.

    Со завршувањето на новото крило, „Свети Еразмо“ од една и пол операциона сала со која располага во моментов, ќе добие четири современи операциони сали опремени со нова медицинска опрема.

    Директорот на болницата, Харалампие Шокаровски, инвестицијата ја оценува како најголем инфраструктурен и технолошки исчекор за установата во последната деценија.

    „Се работи за еден огромен инвестициски циклус и довршување на заглавен проект во изминатите десетина години и пуштање во употреба на сосема нови операциони сали, комплетно опремени со нова опрема. Со тоа ќе придонесеме за значително подобрување на болничкиот стандард, условите за работа на колегите и подобрување на самото лекување“, вели Шокаровски.

    Тој вели дека амбицијата не е само завршување на објектот, туку создавање институција која ќе има значење и надвор од границите на земјава.

    „Ќе се потрудиме, меѓу другото, да станеме една можеби најреферентна институција од областа на ортопедијата и неврохирургијата. Вака како што го градиме патот, прво стручно, па потоа сега со заложби на Владата и со ваква поддршка каква што имаме, да станеме еден референтен центар во ортопедијата и во неврохирургијата“, додава директорот.

    Инвестицијата, според Шокаровски, не опфаќа само довршување на градежните работи. Паралелно се реализира и набавка и монтажа на нова медицинска опрема, со цел новиот објект да ги исполни современите стандарди за болничко лекување.

    „Очекуваме наредниве месеци да завршиме со тој циклус и да имаме еден прекрасен здравствен објект, ултрамодерен, што ќе ги задоволува потребите покрај на пациентите во земјава, и на пациентите од регионите, од соседните држави, на пациенти кои гравитираат заради нашата патологија во нашава институција. И со тоа мислам да станеме еден поширок регионален центар од областиве на медицината коишто ги покриваме“, вели Шокаровски.

    Новото крило е дел од инвестиција вредна над 2 милиони евра, во која се вклучени средства од Фондот за здравствено осигурување, буџетот на болницата, други државни институции и донации од општествено одговорни компании.

    Министерот за здравство Сашо Клековски при неодамнешната посета на болницата кажа дека избран е изведувачот кој треба да ги заврши градежните работи, а постапките за набавка на опремата се во различни фази.

    Клековски рече дека за само две години бројот на интервенции на колкови е зголемен за 40 проценти, а „Свети Еразмо“ веќе е меѓу трите установи во земјава со најголем обем на вакви интервенции, заедно со Клиничкиот центар во Скопје и скопската Градска општа болница (ГОБ) „8 Септември“.

    Со завршувањето на инвестицијата, „Свети Еразмо“ треба да ги зголеми бројот и обемот на интервенциите и да ја зајакне улогата како специјализирана установа за пациенти од земјава и регионот. Објектот првично требаше да биде завршен во април 2017.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира