Во градинката „Коца Василева“ во Битола каде се појави првиот случај на вработено лице позитивно на ковид-19, денеска од Центарот за јавно здравје се врши дезинфекција на просторијата каде работела заразената негувателка, како и на другите делови од градинката. Градинката од понеделник продолжува со работа.
Негувателката која е позитивна на коронавирусот на работа била неколку часа само првиот работен ден кога се отворија градинките, а потоа заминала дома. Завчера се тестирала и вчера излегле резултатите со кои се потврдило дека е разболена од коронавирус. По ова, во изолација се ставени пет деца од групата и петмина вработени, односно три негувателки и две воспитувачки.
„Негувателката цело време била со маска и визир додека работела. Меѓусебе немаат контакт ни групите, ни вработените. Средбите меѓу негувателите кратко се случиле пред да почнат градинките со работа“, рече Снежана Тодоровска, директорка на градинката „Мајски цвет“ под чија надлежност е и „Коца Василева“.
Градинката „Коца Василева“ пред пандемијата згрижуваше 200 деца, сега по протокол може да згрижи 100. Деновиве оделе шеесетина деца.
„Повеќе од месец дена во установата има Комисија за менаџирање во кризни ситуации, а повеќе од месец работиме на протоколите кои пред три месеци ни ги испратенија надлежните. На сите вработени им се доставени протоколите. Хигиената е на високо ниво. Родителите не направија проблем. Ова нема да ја поремети работата. Родителите и децата долго време нè очекуваа да се отвориме. Овој вирус меѓу нас е долго време, родителите се доста совесни и ќе продолжат да ги носат дечињата“, рече Тодоровска.
Ж. ЗДРАВКОВСКА