ПО ЕДЕН МЕСЕЦ ПРЕКИН ПОРАДИ ОШТЕТУВАЊЕ НА ПРУГАТА КАЈ ПОЛИКАСТРО, ПОВТОРНО ТРГНАА ТОВАРНИТЕ ВОЗОВИ ОД И КОН ГРЦИЈА

    ПО ЕДЕН МЕСЕЦ ПРЕКИН ПОРАДИ ОШТЕТУВАЊЕ НА ПРУГАТА КАЈ ПОЛИКАСТРО, ПОВТОРНО ТРГНАА ТОВАРНИТЕ ВОЗОВИ ОД И КОН ГРЦИЈАЖелезничкиот сообраќај меѓу Скопје и Солун се одвива со товарен превоз, патнички нема (Фото: СДК.МК)

    Повторно е воспоставен железничкиот сообраќај меѓу Македонија и Грција, дел од Европскиот коридор 10,  кој беше во прекин еден месец. Една недела сообраќајот се одвиваше непрекинато, а од утре ќе биде според договор помеѓу двете железници. На делницата каде што пругата беше оштетена ќе се вози со намалена брзина.

    „Грчката страна нѐ информираше дека поради големиот број композиции кои чекаат за превоз, одлучиле да го пуштат товарниот железнички сообраќај. Од утре ќе се одвива според меѓусебен договор, во период кога на пругата нема да се работи. Одлуката е во интерес на компаниите од двете земји кои го користат товарниот железнички сообраќај“, велат од МЖ.

    Железничкиот сообраќај меѓу Скопје и Солун се одвива со товарен превоз, патнички нема. На 11 февруари товарен воз излета од шини во близина на Поликастро, Грција. Според „Хеленик треин“, приватниот оператор на грчкиот железнички систем, задната оска на втората локомотива била делумно излетана од шините. Инцидентот предизвикал значителна штета на пругата, во должина од приближно 4 километри.

    Најавите од Грчките железници беа дека пругата ќе биде затворена два месеца поради поправки. Во овој период товарниот сообраќај се одвиваше преку Бугарија. Најголеми корисници на товарниот сообраќај од Македонија кон Грција и Солунското пристаниште се „Макпетрол“ и „Макстил“. Еден од големите странски корисници е кинескиот „COSKO“, кој ја превезува кинеската стока од Солунското пристаниште кон Белград и Будимпешта.

    Иако Македонски железници ја изградија пругата од Битола до Кременица, таа не е поврзана од грчка старна и не може да се користи за меѓународен железнички собораќај.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира