ПО ЕДНА ГОДИНА ПРОРАБОТЕ КОМПЈУТЕРСКИОТ ТОМОГРАФ ВО ВЕЛЕШКАТА БОЛНИЦА

    ПО ЕДНА ГОДИНА ПРОРАБОТЕ КОМПЈУТЕРСКИОТ ТОМОГРАФ ВО ВЕЛЕШКАТА БОЛНИЦАОд болницата во Велес велат дека сите итни случаи и тешки пациенти оваа година ги препраќале во Скопје, оти не можеле да направат соодветна дијагностика (Фото: СДК.МК)

    По една година пауза повторно проработи компјутерскиот томограф во велешката болница. Новата катодна цевка, која ја набави Министерството за здравство, чини 100 илјади евра. После поправките на компјутерскиот томограф во болниците во Охрид и Штип, ова е трет кој беше поправен летово. Општата болница Велес томограф доби во мај 2011, а откако се потроши катодната цевка тој не беше во функција од септември лани.

    „Компјутерскиот томограф е поправен и е повторно во функција. Со пуштањето на ургентниот центар, на кој се работи сега, болницата ќе стане регионален центар со целосна дијагностика. Со тоа ќе ги заокружи давањето на услугите не само на пациентите од велешко туку и пошироко од Повардарјето“, рече министерот за здравство Венко Филипче.

    Тој побара да се воведе 24 часовно дежурство за работа со апаратот, оти одделението е добро екипирано со пет лекари.

    „Компјутерскиот томограф многу ќе ни ја олесни работата. Досега пациентите ги препраќавме во Скопје или Штип и чекаа со денови за преглед. Итните случаи, од бројните сообраќајки на автопатот Велес- Гевгелија, моравме на дијагностицирање да ги препраќаме на клиниките во Скопје. Со повторното ставање во функција на апаратот, тоа нема да се случува веќе“, рече д-р Марионка Дејановска, началник на рендген одделението во болницата во Велес.

    Таа од министерот Филипче побара болницата да добие магнетна резонанца и ехо апрат за дојка, кои заради обемот на работа и подрачјето што го покриваат им се неопходни.

    „Барањето за магнетна резонанца сериозно ќе го разгледаме, оти во регионот на Повардарјето нема таков апарат. Рентген одделението е одлично екипирано и со доктори и со техничари, така што, можат да работат на дијагностика на болести на дојка. Министерството е во фаза на набавка на такви апарати. Со донација преку амбасадата на Италија од нивна државна институција, болницата ќе добие таков апарат кога постапките ќе завршат“, рече Филипче.

    Директорот на болницата д-р Димитар Стровјаноски кажа дека веќе добиле одобрение од Министерството за здравство за нови 41 вработување, меѓу кои и доктори и медицински сестри и технички персонал. Според него со тоа ќе се реши проблемот со недостиг од кадар, бидејќи хируршкото одделение сега работи само со двајца општи хирурзи, а двајца доктори има и гинеколошкото одделение.

    Во велешката болница сè уште работи само еден лифт, со кој се пренесуваат и пациенти и храна и починати. Д-р Стровјански рече дека сè уште работи само еден лифт, бидејќи на два пати распишувале тендер за избор на изведувач, но биле неуспешни. Тој се надева дека на овој третиот тендер ќе се јави заинтересирана компанија и дека со тоа ќе го решат проблемот, кој настана уште пред пет години.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира