ПО ПОПЛАВАТА ВО РУДНИЦИТЕ ВО РЕК ЌЕ СЕ РАБОТИ БЕЗ ОДМОРИ И ПРАЗНИЦИ

    ПО ПОПЛАВАТА ВО РУДНИЦИТЕ ВО РЕК ЌЕ СЕ РАБОТИ БЕЗ ОДМОРИ И ПРАЗНИЦИОд поплавите, кои во еден месец се случија четири пати и во сливното подрачје на Суводол се слеаја од 630 до 650 милиони литри вода, две багерски единици се делумно под вода со нивниот претоварен уред. (Фото: РЕК Битола)

    Во рудниците на РЕК Битола се вложуваат натчовечки напори за да се санира настаната состојба со поплавите на откопните јагленови полиња предизвикани од обилните дождови изминатите денови, поради што во прекин е ископот и дотурот на јаглен. Генералниот директор на ЕЛЕМ Васко Ковачевски денес изјави дека состојбите се подобруваат, водата се испумпува, се отстранува калта и полека се подготвува терен за поставување на багерските единици. Тој рече дека сите вработени се на работните места и дека „нема веќе користење на годишни одмори, слободни денови, викенди, празници, родендени, нити имендени“ сè додека не се врати нормалното функционирање во рудниците Суводол и Брод-Гнеотино.

    Од поплавите, кои во еден месец се случија четири пати и во сливното подрачје на Суводол се слеаја од 630 до 650 милиони литри вода, две багерски единици се делумно под вода со нивниот претоварен уред.

    „Таму се главните напори концентрирани за да се ослободат, да ги транспортираме на одредена позиција и да даваат јаглен согласно потребите. Штом тоа се направи ќе се оди со вклучување на блокот 2. За овие два дена, во функција успеавме да ставиме еден од багерите 323. Очекуваме до утре да биде ставен во функција и багерот 631 со својот претоварен уред и така да го обезбедиме континуираното снабдување на термоелектраната и работа на блокот кој сега е во функција, и да го одржиме нивото на јаглен кое сега го имаме на депонија од 75 до 80 илјади тони јаглен , што е сосема вообичаена количина за летниот период“, рече Златко Ќурчиевски, директор на РЕК „Битола“.

    Во моментов, комбинатот работи со еден блок и за него има доволно резерви на јаглен на депонија за следните десет до 11 денови. Откако ќе се санира состојбата ќе се стави во погон вториот блок, а третиот според годишната програма дури на почетокот на грејната сезона.

    „Да ја смирам јавноста дека поради ова што се случи, нема се зголеми производната цена на струјата што ја произведува РЕК Битола. Цела наша опрема, сите наши активности и непредвидливи хаварии се обезбедени преку осигурително друштво. Сите тие штети ќе бидат супституирани од страна на осигурителното друштво“, додаде Ќурчиевски.

    За цената што ЕСМ ја нуди за произведената струја, Ковачевски рече дека е на раб на рентабилноста, а со нејзина продажба мора да се оствари и профит за следни стратешки инвестиции.

    „Со носењето на новиот Закон за енергетика и либерализацијата на пазарот од јули 2019 година, АД ЕСМ не е регулирана компанија за продажба на електрична енергија. Од први јули минатата година до јули оваа година, цената која ја дадовме беше на ниво на стабилизирање на пазарот. На оваа јавна постапка на ‘ЕВН хоум’, ние понудивме цена од 38,80 евра од мегават час што на крајот од годината ќе ни донесе профит од само 547.000 евра. Понудената цена е на ивица на рентабилност на работење на компанијата. При тоа да не заборавиме дека компанијата треба да има стратешки инвестиции, посебно кон обновливи извори на енергија“, рече Ковачевски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира