ПО РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА ПОКРИВОТ, ПРОКИСНА БЕЗИСТЕНОТ ВО БИТОЛА

    ПО РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА ПОКРИВОТ, ПРОКИСНА БЕЗИСТЕНОТ ВО БИТОЛАМесто да стане трговски центар и гордост на битолчани, Безистенот и понатаму е објект со примамлива надворешност, но грда внатрешност (Фото: СДК.МК)

    Битолскиот Безистен прокиснува, иако пред две години со државни пари се реконструираше покривот, се жалат дуќанџиите. Покрај изронетите тавани во нивните дуќани и кофите вода што ги ставаат кога врне, проблемот е посериозен, зашто се работи за еден од бисерите на отоманската архитектура, затворен пазар стар шест века, заштитен споменик на културата.

    15 години немало проблем со покривот, а сега вода тече при секој дожд, се жалат дуќанџиите (Фото: СДК.МК)

    „Хорор е внатре. Мувла, пајажини. Откако ја реставрираа Исак Џамија на дваесетина метри од кај нас, туристи постојано доаѓаат и во Безистенот. Кога минуваат овде, што гледаат? Стиропор ставаме за да не се рони таванот врз светилките, што ги изложуваме во дуќанот. Ако не, малтер паѓа врз нив“, вели Елизабета Пејчиновска, дуќанџика во Безистенот.

    По реконструкцијата, прокапува во повеќе дуќани, главно во сопственост на ЈП за стопанисување со станбен и деловен простор и на верски заедници, кои ги издаваат под кирија.

    „Пред 15 години имавме проблем со покривот, приватно си викнавме мајстори и го направија. 15 години немаше прокапено. Лани почна да капе, откако при реконструкцијата ги тргнаа постоечките канали и ставија нови. Сега, при секој дожд тече вода, дури и струја фаќа на еден од ѕидовите. Се обративме и до надлежните. Дојдоа изведувачите, чукнаа со чеканот горе и со силикон го фатија лимот. При следниот дожд, пак прокапе“, се пожали еден од дуќанџиите кој продава текстил.

    Внатрешната хигиена е на многу ниско ниво, а најнеугледното катче е чешмата, која стана ѓубралник (Фото: СДК.МК)

    Поранешниот директор на Завод и музеј, Зоран Алтипармаков, инженер архитект и виш кустос во институцијата во чие време се изведуваше реконструкцијата на покривот, вели дека постапката не се спровела до крај оти дуќанџиите и други фирми не ги отстраните каблите од покривот и таванот.

    „Покривот беше планиран да се реконструира, но само дел се направи, таму каде што беше безбедно. Ние неколку пати се обративме до сопствениците писмено, им се јавувавме да ги отстранат каблите, но немаше резултат. Следната фаза беше да се среди и внатре. Но, не можевме да најдеме заеднички јазик. Ниеден од сопствениците и корисниците не ги отстрани каблите и беше небезбедно да се работи“, вели Алтипармаков.

    Средствата за реконструкција беа обезбедени преку капитални инвестиции пред две години, за време на претходната власт и сега не можат да се користат повторно.

    „Прашање на време е кога по тие кабли ќе почне да се слева водата и ќе замрзне и полека ќе почне повторно да се уништува фасадата“, вели Алтипармаков.

    Фасадата се обнови, но проблем остана покривот (Фото: СДК.МК)

     

    Реставрацијата на Безистен беше најавувана од 2015 година. Според податоците објавени од Бирото за јавни набавки, Завод и музеј од Битола склучил договор со битолска фирма за реставрација на фасадата во вредност од 9,4 милиони денари. Зафатот почна летото 2016 година. Фасадата се обнови, но покривот остана проблем, како и внатрешната хигиена. Најнеугледното катче е чешмата, која стана ѓубралник. Безистенот наместо да стане трговски центар и гордост на битолчани, и понатаму е објект со примамлива надворешност, но грда внатрешност.

    Безистенот бил подигнат од Даут паша Узунчаршили, заедно со дуќани и градски чешми, кон крајот на 15. и во почетокот на 16. век. Бил покриен пазар за скапоцени производи, со три улици и 86 дуќани. Безистенот претставувал и своевиден трезор, каде се чувале парите од даноците од целиот Румелиски Вилает, пред да бидат однесени во царската благајна.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира