ПО УСЛОВНАТА КАЗНА ЗА СООБРАЌАЈКАТА ВО ОХРИД ВО КОЈА ЗАГИНАА ДВЕ МОМЧИЊА, СЕ БАРА ПРАВДА ЗА ИВАН И МИЛАН НА СВЕТСКИОТ ДЕН ЗА СЕЌАВАЊЕ НА ЖРТВИТЕ ОД СООБРАЌАЈНИ НЕЗГОДИ

    ПО УСЛОВНАТА КАЗНА ЗА СООБРАЌАЈКАТА ВО ОХРИД ВО КОЈА ЗАГИНАА ДВЕ МОМЧИЊА, СЕ БАРА ПРАВДА ЗА ИВАН И МИЛАН НА СВЕТСКИОТ ДЕН ЗА СЕЌАВАЊЕ НА ЖРТВИТЕ ОД СООБРАЌАЈНИ НЕЗГОДИМинистерот за правда Бојан Маричиќ очекува праведна одлука на повисоките судови, а Судскиот совет будно да го следи целиот случај. (Фото: СДК.МК)

    Пресудата од Основниот суд Охрид, со која обвинетиот за сообраќајната несреќа, на клучката кај хотелот Инекс во која загинаа двајца млади битолчани минатата година, доби условна казна од 4 години и 3000 евра парична казна предизвика револт и осуда во јавноста, па и кај министерот за правда Бојан Маричиќ. Пријателите и семејствата на починатите момчиња бараат правда на социјалните мрежи.

    „Основниот суд во Охрид донесува пресуда со која човекот кој ги убива моите другари и тешко ги повреди трите девојки е осуден на условна затворска казна од 4 години и треба да плати глоба од околу 3.000€. Ако ги прочитате последиците од сообраќајната незгода: двајца мртви и тројца тешко повредени кои по година дена сè уште се борат со последиците и ги споредите со изречената пресуда не може да не си ги поставите следниве прашања: Дали оваа пресуда ја отсликува правдата, ако правда е она што следува по закон? Каква порака испраќа судот со ваквите пресуди? Како ваквите пресуди свесно или потсвесно влијаат врз оние кои имаат тенденција за вакво однесување во сообраќајот? Еден човек одлучил да се коцка со животот, возејќи кон Свети Наум со двојно поголема брзина од онаа која е пропишана на тој пат, не коцкајќи се само со својот туку и со животите на сите оние кои учествувале во сообраќајот на патот таа ноќ. На огромна несреќа забрзаниот автомобил го удира автомобилот во кој се наоѓаа двајца мои другари и три девојки. Двајцата го губат животот. Иван подлегнува на тешките повреди истата таа ноќ, а Милан после едномесечна битка на КАРИЛ. Трите девојки, Сташа, Исидора и Деспина се здобија со тешки повреди од кои се опоравуваат до денешен ден. Барам правда за Иван, Милан, Исидора, Сташа и Деспина! Барам правда за сите кои се нашле во слични ситуации низ животот“, напиша Стефан Мицески, пријател на починатите момчиња.

    Сташа Божиновска, една од девојките која ја преживеа страотната сообраќајка раскажувајќи ја несреќата вели „болката за Иван и Милан никогаш нема да замини, ќе мора да се научиме да живееме со неа. А за да можеме, бараме правда! “

    „Се обидувам да разберам и да не сум лута. Тешко е, но се обидувам. Но човекот, институција, која требаше да ни дај потпора, не само мене, на сите засегнати од кобната несреќа , ме/не предаде. Судијата Бојан Мартиноски од одновниот СУД во Охрид не изневери. Ни ги уби по втор пат другарите, и заедно со нив нивните фамилии и нас“, стои во нејзината објава.

    На социјалните мрежи се огласи и министерот за правда, Бојан Маричиќ со реакција за условната пресуда за сообраќајка во Охрид.

    „Како министер за правда, но пред се како човек и родител не можам да бидам рамнодушен по одлуката на судот, кој пресуди условна казна за сообраќајката во Охрид по која две момчиња починаа, а три девојки беа тешко повредени. Очекувам праведна одлука на повисоките судови, а Судскиот совет будно да го следи целиот случај“, напиша Маричиќ на Фејсбук, а денеска најави дека работат на воведување ново кривично дело „Безобзирно управување со моторно возило“ во Кривичниот законик.

    Пресудата на Основниот суд во Охрид е донесена на 20 октомври, а по поднесената жалба се очекува одлука од Апелациониот суд во Битола.

    „Во однос на висината на казната тоа е мислење на судијата но затоа постои второстепеност и можност за жалба. Апелација ќе одлучува по овој случај“, вели претседателот на Основниот суд во Охрид, Васил Баткоски.

    Во тешката сообраќајка која се случи на 16 август 2020 година на магистралниот пат Охрид – Свети Наум, учествуваа три возила, Ситроенот и Голф со охридски и Фолксваген Пасат со прилепски регистарски таблички. Во неа животот го загубија две 27 годишни момчиња од Битола, додека три девојчиња од Битола, Скопје и Струга беа тешко повредени. Една од нив беше 200 денови во кома.

    Инаку денеска се одбележува светскиот ден за сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди. Годишно, во светот, 1.3 милиони луѓе го губат животот во сообраќајни незгоди, а 20 до 50 милиони лица се здобиваат со повреди. Kако последица од сообраќајни незгоди, дневно умираат над 3.500 лица, односно на секои 25 секунди едно лице го губи животот во сообраќајна незгода. Според статистиката, голем дел од жртвите и повредените лица во сообраќајни незгоди се деца и млади. На светско ниво, годишно околу 400.000 млади лица на возраст до 25 години го губат животот во сообраќајни незгоди, односно околу 1.100 млади лица дневно.
    Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата ( РСБСП ) апелира да се намали црната статистика на патиштата и да се направи сообраќајот побезбеден, тргнувајќи од сопствените грешки и однесување во сообраќајот.

    „Време е да ја разбудиме свеста и да кажеме стоп за смртта на патиштата“, велат од РСБСП

    С. ВРЕНЦОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира