ПОЧИНА ЉУБЕН БАТКОСКИ, ЕДЕН ОД ОСНОВАЧИТЕ И ДОЛГОГОДИШЕН ДИРЕКТОР НА ОХРИДСКО ЛЕТО

    ПОЧИНА ЉУБЕН БАТКОСКИ, ЕДЕН ОД ОСНОВАЧИТЕ И ДОЛГОГОДИШЕН ДИРЕКТОР НА ОХРИДСКО ЛЕТОБаткоски (десно) за својот придонес во развојот на Охридско лето беше одликуван од Претседателството на СФРЈ

    На 87 години вчера почина Љубен Баткоски, еден од основачите и долгогодишен директор на Охридско лето (1982-1996). Баткоски ќе остане запишан во историјата на Охридско лето како човек чиј интелект е вграден во основањето, развојот и опстојувањето на Фестивалот.

    „Спонтаноста, љубовта и ентузијазмот беа меѓу атрибутите со кои во Фестивалот се вградуваа голем број вљубеници и поддржувачи, искрено приложувајќи ги своите стручни, организациски и други способности. Предничеа уметниците, музички и драмски, новинарите и други, кои вклучени во Советот и стручните тела на Летото како волонтери ја градеа и надградуваа програмската концепција“, вели Баткоски во монографијата за Охридско лето.

    Во своите сеќавања и запишани мемоари Баткоски раскажува за почетоците и растежот на Охридско лето.

    „Охридско лето се роди спонтано и од љубов. Со голем емотивен набој, Ана Липша-Тофовиќ во една посебна прилика кажа дека на 4 август 1961 со првиот концерт во црквата ‘Света Софија‘ почувствувала дека се раѓа нешто големо и нешто што ќе трае. Пророштвото се оствари. Се удрија темелите на Охридско лето, високо вреднуван кај нас, во Европа и пошироко“, кажува Баткоски.

    Љубен Баткоски е роден на 6 јануари 1935 во Охрид. Во 1958 дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје. Во професионалната кариера работел како спикер во Радио Скопје, раководител на катедра при Работничкиот универзитет во Охрид, управник на Домот на културата во Охрид, дописник на весникот „Нова Македонија“ и претседател на Собранието на Општина Охрид.

    „Охридско лето жали што замина голем човек кој со неговите дела остави траен печат во историјата на фестивалот. Ни овозможи да ја славиме врвната уметност, да ѝ се радуваме на убавината и да создаваме трајни вредности. Вечно ќе му бидеме благодарни што својата професионална дејност несебично ја вгради во основањето, развојот и афирмацијата на оваа врвна македонска културна манифестација“, велат од Охридско лето.

    Баткоски за својот придонес во развојот на Охридско лето беше одликуван од Претседателството на СФРЈ со Орден за заслуги за народ со сребрени зраци, а има добиено и две странски одликувања.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира