ПОЧИНА НАЈСТАРИОТ ЗАНАЕТЧИЈА ВО ОХРИД, ОПИНЦИТЕ НА ДЕДО МИЛАН СЕГА ЌЕ ГИ ПРАВАТ НЕГОВИТЕ ВНУЦИ

    ПОЧИНА НАЈСТАРИОТ ЗАНАЕТЧИЈА ВО ОХРИД, ОПИНЦИТЕ НА ДЕДО МИЛАН СЕГА ЌЕ ГИ ПРАВАТ НЕГОВИТЕ ВНУЦИОпинчарскиот дуќан на Белев, симбол на занаетчиството во градот, е вистинска атракција за бројните странски туристи, особено Холанѓаните. (Фото: СДК.МК)

    Почина најстариот занаетчија во Охрид, Милан Белев, кој до својата 96-та година изработуваше предмети од кожа во својот дуќан во Охридската чаршија. Опинчарскиот дуќан на Белев, симбол на занаетчиството во градот, е вистинска атракција за бројните странски туристи, особено Холанѓаните.

    Во последната изјава за САКАМДАКАЖАМ, дедо Милан рече дека во неговите седум децении работа не памети полоши години од изминативе две, но беше горд што неговите внуци го наследиле кожарскиот занает.

    „Не знам кога последен пат дошол некој муштерија. Опинчарството е тежок занает што го пренесов на внук ми, но во вакво време тешко дека ќе може да опстои. Имало тешки периоди и порано, но ова е најстрашно. Охрид е туристички град, странците ни беа најдобрите муштерии. Сега нема туристи, Чаршијата е пуста и никој не влегува во дуќанот“, кажа дедо Милан.

    Милан Белев, занаетчија-опинчар, е роден во Охрид во 1926 година. На 13 години заминува во Зајечар, Србија да го изучува кожарскиот занает, по што заедно со неговиот брат Ѓорѓи Белева отвараат занаетчиски – опинчарски дуќан во Старата охридска чаршија.

    Низ годините изработуваше производи од кожа а најпознати се традиционалните македонски опинци. Зборуваше и холандски оти Холанѓаните му беа најбројни и најомилени гости. Неговиот занает го остави во наследство на внукот Крсте Белев и правнуката, Елена Белева.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира