ПОЧИНАТОТО ПЕТГОДИШНО ДЕВОЈЧЕ ИМАЛО ВИРУСЕН ИНФЕКТ КОЈ ГО ЗАФАТИЛ И СРЦЕВИОТ МУСКУЛ, А ВО БОЛНИЦАТА ИМАЛО СООДВЕТЕН ТРЕТМАН, ЗАКЛУЧИ КОМИСИЈАТА ЗА СТРУЧЕН НАДЗОР

    ПОЧИНАТОТО ПЕТГОДИШНО ДЕВОЈЧЕ ИМАЛО ВИРУСЕН ИНФЕКТ КОЈ ГО ЗАФАТИЛ И СРЦЕВИОТ МУСКУЛ, А ВО БОЛНИЦАТА ИМАЛО СООДВЕТЕН ТРЕТМАН, ЗАКЛУЧИ КОМИСИЈАТА ЗА СТРУЧЕН НАДЗОРРоднините и пријателите на семејството Христовски во средата организираа мирен протест „Правда за Јана“. (Фото: СДК.МК)

    Мускулно-воспалителна реакција во рамки на вирусен инфект кој го зафатил и срцевиот мускул со покачена вредност на срцевиот ензим-тропонин имала петгодишната Јана Христовска која на 22 март почина во Клиничката болница во Битола, соопштија од Комисијата за стручен надзор за лекувањето на девојчето. Комисијата заклучи дека според анамнезата, клиничкиот преглед и работната дијагноза, се преземени соодветни чекори во однос на анализи, третман и опсервација на пациентката.

    „Од анамнезата има податок за прележан ковид пред шест месеци. По направените лабораториски анализи наодите укажувале на мускулно-воспалителна реакција со покачени вредности на креатин киназа и креатин киназа МБ, во рамки на вирусен инфект кој го зафатил и срцевиот мускул со покачена вредност на срцевиот ензим-тропонин. По влошување на состојбата, заклучок на Комисијата е дека се преземени потребните чекори, согласно медицина базирана на докази и клиничката слика на пациентката“, пишува во соопштението од Министерството за здравство.

    Комплетниот извештај од Комисијата за стручен надзор ќе биде проследен до Јавното обвинителство. Јана почина пред 13 дена на Клиничката болница во Битола, а нејзините родители обвинија дека по примената инфузија шеќерот ѝ се покачил од 9 на 19 единици. Од Државниот здравствен и санитарен инспекторат соопштија дека не е направена лекарска грешка и дека девојчето имнало покачени показатели за срцево страдање.

    Роднините и пријателите на семејството Христовски во средата организираа мирен протест „Правда за Јана“, а уште еден таков најавија за 5 април на плоштадот Магнолија во Битола.

    „Ве повикуваме заедно со вашите најмили да дојдете и земете балончиња во вид на срце, кои ќе ги делиме на самиот протест со името на Јана и заеднички да испратиме јасна порака до сите: ‘Нека срцето на Јана, биди штит за сите сегашни и идни дечиња да не ја доживеат нејзината судбина“, најави кумот на починатото девојче Игор Петковски.

    Во меѓувреме се очекуваат резултатите од обдукцијата на петгодишната Јана Христовска.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира