Турската компанија „Серка Акели“ почна да го гради хидросистемот Конско кај Гевгелија, што треба да обезбеди дополнителни количини вода за наводување на обработливите површини во овој регион кој во изминативе години постојано алармираше за недостиг на вода за одржливо земјоделско производство. Браната ја финансира Министерството за земјоделство и од Буџетот за таа намена се издвоени 40 милиони евра, а целиот проект треба да заврши за 32 месеци.
„Од можните 12.300 хектари во овој регион едвај се наводнуваат 2.600 хектари. Во моментов, вода има само за 1.500, што значи дека наводнувањето оди многу тешко и по многу висока цена. Со изградбата на три подсистеми на оваа брана ќе се наводнуваат околу 8.000 хектари плодно обработливо земјиште“, рече министерот за земјоделство Љупчо Николовски.
Стартот на градежните работи ги означи премиерот Зоран Заев, кој рече дека од овој проект корист ќе има целиот регион бидејќи се отвараат многу перспективи и дополнителни содржини за општината.
„Освен за наводнување, водите од акумулацијата Конско и протечните води ќе се користат и за производство на електрична енергија, а ова езеро ќе поттикне нова туриститчка понуда на Гевгелија и услови за развој на риболовниот спорт и рекреација“, рече Заев.
Браната Конско се наоѓа веднаш под излетничко-рекреативниот локалитет Смрдлива Вода на Кожув и ќе се протега на околу 8,5 километри неизводно, оддалечена 20-тина километри од Гевгелија.
В. ТРАЈКОВ