Почна изградбата на катната гаража зад Собранието, во центарот на Скопје. Деновиве, просторот кој со години се користеше како див паркинг меѓу Собранието и Домот на Армијата почна да се оградува и со градежни машини се расчистува просторот. Поставена е и табла со податоци за инвеститорот ДТПУ АНГО ДООЕЛ од Скопје и изведувачот.
Градежната дозвола за изградба на катната гаража беше поништена во 2018 година од ексградоначалникот на Оштина Центар Саша Богдановиќ, бидејќи инвеститорот не почнал во предвидениот рок со градба. Но, инвеститорот на ова решение поднесува жалба и по судската постапка која трае неколку години решението на Општина Центар се укинува и на инвеститорот му се дозволува да гради.
Од Општина Центар велат дека се должни да ги следат насоките дадени во пресудата на Управен суд и да постапат согласно со неа. Со тоа, додаваат од Општината, повеќе нема законска можност да го огласи одобрението за градба за ништовно и на тој начин не постои правна пречка да се реализира градбата.
„Инвеститорото на 14.12.2018 година поднесува жалба до Министерството за транспорт и врски како второстепен орган. Жалбата е одбиена како неоснована од страна на Министерството со решение на 07.03.2019 година. На 16.04.2019 година ДПТУ АНГО ДООЕЛ поднел тужба до Управниот суд против второстепеното решение. Управниот суд, со пресуда од 16.04.2020 година ја уважил тужбата на тужителот, а решението од второстепениот орган го поништил. Имајќи ја предвид пресудата на Управниот суд, второстепениот орган при Министерството за транспорт и врски донел решение од 11.06.2020 година во кое ја уважил жалбата на ДТПУ АНГО ДООЕЛ Скопје, а решението на Општина Центар-Скопје од 30.11.2018 година го поништил и предметот го вратил на првостепениот орган на повторна постапка. Општина Центар-Скопје следејќи ги насоките дадени преку пресудата од 16.04.2020 година повторно го огласил за ништово одобрението за градење, но во смисла на Решението од 04.02.2022 година, а донесено во врска Пресудата на Управниот суд од 23.12.2021 година, е должна да ги следи насоките дадени во Пресудата и постапи согласно со неа, и со тоа повеќе нема законска можност да го огласи одобрението за ништовно“, велат од Општина Центар.
Од таму додаваат дека согласно Законот за градење, за пријавување на градба, а со тоа и реализација на изградба на објектот, рокот за изградба согласно Одобрението за градење истекува на 10.09.2024 година.
Државното земјиште кај Собранието беше продадено на јавно наддавање во 2013 во времето на премиерот Никола Груевски, а министер за транспорт и врски беше Миле Јанакиески, согласно договорот за отуѓување на катна гаража со компатибилни класи на намена односно изградба на мали комерцијални и деловни единици. Катноста на објектот согласно Детален урбанистички план е П+2, а влезот е предвиден од пристапната улица помеѓу Собрание и Дом на АРМ.
А. АНТЕВСКА