ПОЧНА ДА СЕ КОПА ДУПКА ЗА ПРВАТА ЗГРАДА ВО „ТРЕСКА“ КОЈА Е ПОСЛЕДНА СЛОБОДНА ПАРЦЕЛА ВО ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕ

    ПОЧНА ДА СЕ КОПА ДУПКА ЗА ПРВАТА ЗГРАДА ВО „ТРЕСКА“ КОЈА Е ПОСЛЕДНА СЛОБОДНА ПАРЦЕЛА ВО ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕОткако со месеци просторот се расчистуваше, деновиве со багери почна да се копа дупка за првата зграда. (Фото: СДК.МК)

    Почнаа градежните работи за изградба на првата зграда во просторот на поранешната фабрика „Треска“. Откако со месеци просторот се расчистуваше, деновиве со багери почна да се копа дупка за првата зграда. Жителите на околните згради за САКАМДАКАЖАМ.МК  велат дека од рано утрово градежни машини работат на ископот за поставување на темелите на првата зграда.

    Станува збор за зградата која ќе ја градат фирмите  „Голден арт“ и „Мега акустик“, кои пред еден месец платија комуналии во висина од 800.000 евра на Град Скопје и Општина Центар. Ќе се гради станбено-деловен објект, со висина од 19.20 метри, на приземје, 5 ката и поткровје, а вкупната бруто изградена површина ќе изнесува 6.662 метри квадрати.

    Со почетокот на изградбата на првата зграда почнува бетонизацијата на последниот слободен простор во центарот на Скопје. Бетонизацијата на овој дел од градот ја нацрта власта на ВМРО-ДПМНЕ,  а постапката ја продолжи и реализира власта на СДСМ, со тоа што не направи никакви измени на планот и дозволи да се гради според лош план, кој не овозможува хумано живеење на граѓаните.

    По поднесената иницијатива од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ и од адвокатката Сузана Јошевска, Уставниот суд на 3 август оформи предмет за измената на Деталниот урбанистички план (ДУП) Буњаковец 2, во чии рамки спаѓа и просторот на попранешната фабрика „Треска.

    Оспорена е Одлуката бр.07-9331/10 од 10.12.2012 година, за изменување и дополнување ДУП Буњаковец 2, плански период 2011-2016, соопшти Уставниот суд.

    Во иницијативата се тврди дека оспорената одлука за конкретни измени на ДУП Буњаковец 2 е во спротивност со Генералниот урбанистички план (ГУП), односно дека границата на ДУП-от не е усогласена со опфатот на градската четврт планирана со ГУП, како и дека нумеричките податоци на Деталниот се неусогласени со оние од Генералниот. Подносителите наведуваат дека поради овие околности се прави груба повреда на член 11 став 7 и член 15-б од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

    Подносителите во иницијативата наведуваат дека донесената одлука за ДУП е во спротивност со владеењето на правото содржано во членот 8 од Уставот, како и дека е во спротивност со членови од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

    „Овие наводи Уставниот суд допрва ќе ги испитува. Предметот е формиран и предаден за работа на тим од судија и советник и се наоѓа во рана фаза, во претходна постапка“, рекоа од Судот на 3 август.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира