ПОЧНА ДА СЕ УРИВА СТАДИОНОТ ВО ТЕТОВО ЗА ИЗГРАДБА НА НОВ, ЌЕ ЧИНИ 10 МИЛИОНИ ЕВРА

    ПОЧНА ДА СЕ УРИВА СТАДИОНОТ ВО ТЕТОВО ЗА ИЗГРАДБА НА НОВ, ЌЕ ЧИНИ 10 МИЛИОНИ ЕВРАГрадоначалникот Билал Касами влезе во багер и прв почна да го урива стариот стадион. (Фото: Општина Тетово)

    Градоначалникот на Општина Тетово, Билал Касами, вчера на Градскиот стадион во Тетово ја најави изградбата на нов стадион на местото на постоечкиот. Потоа влезе во багерот и прв почна да го руши стадионот, велејќи дека ќе го исполни ветувањето да направи нов стадион  бидејќи многумина пред него ветувале, но не го направиле.

    Покрај презентацијата како ќе изгледа новиот објект, на стадионот се одржаа ревијален фудбалски натпревар и концерт на кој се исполнуваа само албански песни.

    „До денес многу политичари и партии ветија дека ќе го изградат овој стадион, но ова ветување никогаш не се исполни. Доказ за тоа е моменталната состојба на овој стадион, кој е со уништен терен, застарени простори, без соблекувални, без услови за вежбање и без соодветни трибини за навивачи, но тетовци и Шкендија никогаш не се откажаа. Дојде денот да започнеме со изградба на спортска арена во Тетово со сите европски услови и стандарди“, истакна Касами.

    Во ноември 2023, Општина Тетово преку јавното претпријатие „Тетово транспорт“, кое долг период е во загуба, распиша тендер за изградба на стадионот, по што се склучи и договор со фирмата во март 2024. Реконструкцијата чини 600 милиони денари или околу 10 милиони евра.

    Градскиот стадион е отворен во 1981, кога ФК Тетекс влезе во Првата југословенска лига и имаше капацитет од над 15.000 седишта. Стадионот го градеше тогашниот текстилен гигант „Тетекс“, а учествуваше и државата. Во јули 2016, со одлука на Советот на Општина Тетово, стадионот е даден под концесија на фирмата „Еколог“, која е сопственик на ФК Шкендија и која се обврза да инвестира 7,7 милиони евра за реновирање на стадионот за да може да биде домаќин на меѓународни натпревари. Но, и покрај ова, Градскиот стадион пропаѓаше бидејќи никој не се грижеше за него, а од ветената инвестиција речиси ништо не беше реализирано.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира