ПОЧНА ИЗГРАДБАТА НА ДАЛЕКУВОДОТ ЗА ЕНЕРГЕТСКО ПОВРЗУВАЊЕ НА МАКЕДОНИЈА И АЛБАНИЈА 

    ПОЧНА ИЗГРАДБАТА НА ДАЛЕКУВОДОТ ЗА ЕНЕРГЕТСКО ПОВРЗУВАЊЕ НА МАКЕДОНИЈА И АЛБАНИЈА Инвестицијата, која е дел од електоенергетскиот Коридор 8, е во вредност од 50 милиони евра. (Фото: СДК.МК)

    Во близина на Охрид денеска почна изградбата на новата 400/110-киловолтна трансформаторска станица, дел од далекувод за поврзување на електропреносните системи на Македонија и на Албанија. Со поставувањето на камен-темелникот на овој капитален објект почнува и реализацијата на интерконективниот далекувод за пренос на електрична енергија меѓу Бугарија,  Македонија, Албанија и Италија.

    Како што кажа премиерот Зоран Заев, проектот за 400-киловолтна интерконекција Северна Македонија – Албанија на македонска територија е составен од изградба на 400-киловолтен далекувод од трансформаторска станица Битола 2 до македонско-албанската граница во должина од 97,4 километри, изградба на 400/1100трансформаторска станица во Охридскиот Регион, како и изградба на 400-киловолтно далекуводно поле во трансформаторска станица Битола 2.

    „Со изградбата на 400/110-киловолтната трансформаторска станица, во Охридско-Струшкиот Регион, која со влез и излез ќе биде поврзана на новиот 400-киловолтен интерконективен далекувод Битола- Елбасан, се реализира капитална инвестиција која ќе овозможи сигурен и доверлив пренос на електричната енергија, градење добрососедски односи, поврзување за нови инвестиции, вработувања, повисок економски стандард, а со тоа и севкупен економски просперитет“, рече премиерот Зоран Заев на поставувањето на камен-темелникот во близина на село Мешеишта.

    Заминик-министерот за енергија и индустрија на Албанија Илир Бејта рече дека овој коридор ќе овозможи еден поширок пазар и поголем развој на рагионот во однос на енергетиката.

    Според министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, со овој проект се обезбедува квалитетно и непрекинато снабдување со електрична енергија на стопанството, се надминуваат проблемите и се подобрува мрежата во југозападниот дел од државата.

    Инвестицијата, која е дел од електоенергетскиот Коридор 8, е во вредност од 50 милиони евра. Станува збор за најголемата инвестиција во преносната електроенергетска мрежа во нашата земја која, согласно утврдената динамика, се очекува да биде завршена во 2023 година.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира