Општина Центар го издаде првото одобрение за купување државно земјиште во поранешната фабрика „Треска“ заради дооформување на градежна парцела за изградба на згради според планот донесен уште од времето кога локалната власт беше на ВМРО-ДПМНЕ до 2013 година. Градоначалникот Горан Герасимовски не сака ниту да ги објави проектите наградени од стручната жири комисија за урбанизирање на просторот. Конкурсот беше распишан од неговиот претходник, сопартиецот од СДСМ Саша Богдановиќ. Нема објаснение зошто ниту едниот, ниту другиот не ги објавија идејните решенија на конкурсот.
Од Општина Центар велат дека согласно имотните листови на земјиштето, сопственици и баратели за откуп на државно земјиште заради дооформување на парцела се фирмите „Голден Арт“ и „Мега и Акустик“.
„По доставената документација, истите поседуваат 90.17 проценти од вкупната површина на градежната парцела, што значи дека за дооформување имаа само 9.83 проценти од вкупната градежна парцела“, ни одговорија од Општина Центар на прашањето кои градежници купиле државно земјиште во „Треска“.
Сега овие градежни фирми се на чекор до добивање одобрение за градба, а со тоа да почне бетонизацијата на последното слободно парче во центарот на Скопје.
Во Општината чекаат на одговор уште 16 барања на градежници за купување на државно земјиште за да можат да ги зголемат парцелите за градба.
Како што велат од Општина Центар дозвола за градба во „Треска“ уште не е издадена, а поднесени се четири барања.
Герасимовски уште кога дојде на функција изјави дека конкурсот не може да се спроведе бидејќи не може на сопственици на приватни имоти да им се забрани да дооформуваат парцели и да бараат дозволи за градба. Со тоа тој ќе потпише дозволи за градба според Деталниот урбанистички план донесен во времето на ВМРО-ДПМНЕ со кој се предвидува изградба на 30-тина згради, кои неговиот претходник Саша Богдановиќ ги викаше „наполитанки“. Фактички – џабе имаше конкурс.
Условите во конкурсот бараа авторите да го проектираат овој простор така што приватните сопственици ќе добијат право на градба на згради, а општината ќе го задржи јавното земјиште и на него ќе организира јавен простор како парк и детска градинка.
Откако во кругот на старата фабрика „Треска“ на големо почна да се работи на расчистување на просторот за да се гради, од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ минатата недела дена повторно побараа од градоначалникот да го спроведе конкурсот за урбанистичко уредување на „Треска“.
„Помина скоро година и 5 месеци откако жири комисијата составена од 9 члена ги објави резултатите од конкурсот за избор на идејно решение за локалитетот на фабриката ‘Треска’. Исто толку време Општината и градоначалникот на Центар одбиваат да ги објават проектите и како што тоа е ред, да ги поканат авторите јавно да ги објаснат своите визии како сметаат дека треба да се уреди последниот голем градежен простор во Центар. Но, ваквите идеи од конкурсот инициран од претходниот градоначалник, сегашниот градоначалник кој за себе вели дека е „транспарентен“ ги смета за незаконски и неспроведливи. До таа мера што не сака ниту да ги објави проектите наградени од стручната жири комисија и со пари од граѓаните од Центар“, велат од „Шанса за Центар“.
А. АНТЕВСКА