ЛОКАЦИЈАТА НА „ТРЕСКА“ СЕ СПРЕМА ЗА ЗГРАДИ И НОВА БЕТОНИЗАЦИЈА НА ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕ

    ЛОКАЦИЈАТА НА „ТРЕСКА“ СЕ СПРЕМА ЗА ЗГРАДИ И НОВА БЕТОНИЗАЦИЈА НА ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕОд Општина Центар велат дека за просторот „Треска“ уште не е издадено одобрение за градба, а за дооформување на парцели одобрено е едно барање. (Фото: К. Попов)

    Со градежна механизација веќе неколку недели се уриваат објекти во кругот на поранешна скопска фабрика „Треска“. Со тоа се расчистува просторот за градење на згради и нова бетонизација на центарот на Скопје.

    И покрај барањата на стручната јавност да се изработи нов план за просторот, Општина Центар и градоначалникот Горан Герасимовски го спроведуваат стариот план, според кој се предвидува да никнат 30-тина нови згради. Се дозволува катност од приземје, 4 ката плус поткровје и приземје плус 5 ката и поткровје.

    Поранешниот градоначалник на Општина Центар Саша Богдановиќ, велеше дека просторот е лошо испланиран и зградите ги нарекуваше ‘наполитанки‘ бидејќи целосно го бетонизираат просторот без соодветни јавни површини и зеленило, ниту пак е предвидена градинка. Целиот простор е планиран само за згради.

    Од Општина Центар велат дека за просторот „Треска“ уште не е издадено одобрение за градба, а за дооформување на парцели одобрено е едно барање.

    „Досега се пристигнати 4 барања за одобренија за градење во текот на 2021 и 2022 година. За дооформување на парцели во ‘Треска’ има поднесено вкупно 17 барања, од кои одобрено е само едно барање“, велат од Општината.

    Од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ пред три дена повторно побараа од градоначалникот Герасимовски да го спроведе конкурсот за „Треска“.

    „Помина скоро година и 5 месеци откако жири комисијата составена од 9 члена ги објави резултатите од конкурсот за избор на идејно решение за локалитетот на фабриката ‘Треска’. Исто толку време Општината и градоначалникот на Центар одбиваат да ги објават проектите и како што тоа е ред, да ги поканат авторите јавно да ги објаснат своите визии како сметаат дека треба да се уреди последниот голем градежен простор во Центар. Во планот донесен кога на власт беше ВМРО, а кој оваа власт го смета за важечки, просторот е покриен со згради како наполитанки. Условите во конкурсот бараа авторите да го проектираат овој простор на начин што приватните сопственици ќе добијат право на градба на згради, а општината ќе го задржи јавното земјиште и на него ќе организира јавен простор како парк и детска градинка. Но, ваквите идеи од конкурсот инициран од претходниот градоначалник, сегашниот градоначалник кој за себе вели дека е „транспарентен“ ги смета за незаконски и неспроведливи. До таа мера што не сака ниту да ги објави проектите наградени од стручната жири комисија и со пари од граѓаните од Центар“, велат од „Шанска за Центар“.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира