ПОЧНА СПАСУВАЊЕТО НА ПЛАШИЦАТА ВО ОХРИД, СО ПУМПИ ИМ СЕ ДАВА КИСЛОРОД

    ПОЧНА СПАСУВАЊЕТО НА ПЛАШИЦАТА ВО ОХРИД, СО ПУМПИ ИМ СЕ ДАВА КИСЛОРОДСо пумпа се шмука водата, ја распрскува и така збогатена со кислород повторно се враќа назад во каналот. (Фото: СДК.МК)

    Во Студенчишкиот канал во Охрид каде денес поради недостаток на вода и кислород се гушат тони плашица, попладнево почна спасувањето на рибата.

    „Ние веднаш по обиколката на каналот и согледување на состојбата со опстанокот на плашицата ја вклучивме нашата пумпа која ја шмука водата, ја распрскува и така збогатена со кислород повторно се враќа назад во каналот. Но, таа има мал капацитет па заради тоа беше донесена пумпа со поголем капацитет од јавното препријатие ‚Нискоградба‘ во Охрид. Во вакви случаи најчесто се користат посебни пумпи (ератори) кои ги има кај поголемите комбинати и рибници. Знам дека ваков систем има во Битола, а тој град е најблизу до Охрид“, изјави професор д-р Трајче Талевски, долгогодишен раководител на лабораторијата за ципринидни риби при Хидробиолошиот завод во Охрид.

    На овој начин, со пумпи водата се зема од загрозеното подрачје, ја распрскува и повторно ја враќа на местото каде што е загрозена рибата.

    Охридските биолози велат дека се тоа методи кои се применуваат во вакви случаи, но најефикасен метод е дождот.

    „Само ако заврне дожд, плашицата во каналот ќе куртули“, велат биолозите.

    Од Агенцијата за храна и ветеринарство(АХВ) велат дека ветеринарните инспектори од Охрид, се излезени на терен, земени се мостри од угинатите риби и констатирано е дека угинувањето е поради недостиг на кислород во водата како последица на намален водостој во Студентчишко блато.

    „Со Општина Охрид е комуницирано по инструкции од АХВ во однос на собирање на угинатите риби и нивно нештетно закопување“, велат од Агенција за храна.

    Проценките се дека во Студенчишкиот канал има околу 60 тони од оваа квалитетна риба, на која овој дел од брегот ѝ е природно зимувалиште.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира