ПОЧНА УРИВАЊЕТО НА ОБЈЕКТИТЕ ВО ФАБРИКАТА „ТРЕСКА“ ЗА ДА СЕ БЕТОНИРА ПОСЛЕДНИОТ СЛОБОДЕН ПРОСТОР ВО ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕ

    ПОЧНА УРИВАЊЕТО НА ОБЈЕКТИТЕ ВО ФАБРИКАТА „ТРЕСКА“ ЗА ДА СЕ БЕТОНИРА ПОСЛЕДНИОТ СЛОБОДЕН ПРОСТОР ВО ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕВо Општина Центар веќе се поднесени 4 барања за градба и 15 за дооформување на градежна парцела. (Фото: СДК.МК)

    Почнаа да се уриваат објектите во поранешната фабрика „Треска“ и да се расчистува просторот за изградба на згради и бетонизација и на овој дел од центарот на Скопје. Објектите ги уриваат сопствениците на земјиштето кои доставиле 36 барања за уривање до Општина Центар, а досега се дадени 13.

    Градоначалникот Горан Герасимовски на прес-конференција се пофали дека расчистувањето на теренот всушност било решавање на проблемот, бидејќи овој простор претставувал извор на зарази и нелагална депонија, и по пожарот на 15 април личел на Чернобил, а вели „не се согласува со перцепцијата дека расчистувањето на теренот значи почеток на бетонизацијата на просторот“.

    Со планот, просторот на „Треска“ е поделен на шест градежни парцели и предвидува на нив да никнат триесетина нови згради. Се дозволува катност од приземје, 4 ката плус поткровје и приземје, 5 ката плус поткровје. Поранешниот градоначалник на Општина Центар Саша Богдановиќ велеше дека просторот е лошо испланиран и зградите ги нарекуваше ‘наполитанки‘ бидејќи целосно го бетонизираат просторот без соодветни јавни површини и зеленило.

    Со уривањето на објектите, всушност, градежниците и сопствениците на земјиштето ја почнуваат постапката за градење на зградите. Досега се поднесени 4 барања за градба и 15 барања за дооформување на градежни парцели. Градежниците бараат да градат според Деталниот урбанистички план (ДУП) донесен во време на ВМРО-ДПМНЕ кој СДСМ го критикуваше како лош, нехуман, зградите ги нарекуваше „наполитканки“ и велеше дека ќе доведат до нова бетонизација на градот и нехумани услови за живот. Овој план Општина Центар предводена од градоначалник од СДСМ пет години не успеа да го смени и сега мора да му се издаде дозвола за градба на секого кој ќе побара.

    Герасимовски кажа дека во преговори се со Град Скопје да се донесе нов ДУП само за делот на фабриката „Треска“. Но, таа постапка може да трае и со години, со оглед дека најпрво треба да биде донесен Регулациски план во Град Скопје со кој просторот на фабриката ќе биде издвоен од останатиот план за Буњаковец. Потоа треба Општина Центар да избере планерска куќа, таа да нацрта нов план, па тој план оди на јавна анкета и јавна презентација. Ако има барања од граѓани на јавната анкета треба да ги разгледа и да постапи по нив, односно да се прават корекции во првичната верзија. Потоа треба да биде одобрен од Министертсвото за транспорт и врски и Град Скопје и дури потоа да биде усвоен во Советот на Општина Центар. Со други зборови, постапка која трае повеќе и од една година, а дотогаш градежниците ќе добијат градежни дозволи според стариот, лош план, со оглед на тоа дека се поднесени веќе 4 барања за градба и 15 за дооформување на парцели.

    САКАМДАКАЖАМ.МК го праша Герасимовски зар не смета дека е доцна за нов план, кога веќе почна расчистување на просторот, или  може да гарантира дека нема да се издаде ниту една дозвола според стариот план кој неговата партија го критикуваше, а сега според него ќе се гради во нивно време, на што тој не даде конкретен одговор. Вели дека според законот, тој план е сега во важност и тие мора да постапат законски, што значи дека на градежниците ќе им се издаде дозвола, но тој ќе се залагал што побрзо да се донесе нов план само за „Треска“.

    „Имавме три години мораториум, но за жал, не го сменивме ДУП-от. Правиме напори да се измени планот, односно преку Регулациски план за да се изземе овој дел и само за него да се направи ДУП. Во моментов има важечки ДУП, доколку не успееме мораме да постапуваме согласно со закон“, рече Герасимовски додавајќи дека тоа што во минатите 4 години не се сменил планот не е тој виновен, бидејќи друг бил градоначалник.

    Во времето на ексградоначалникот Саша Богдановиќ, по неколкугодишна борба на стручната јавност и граѓанските иницијативи беше спроведен конкурс за тоа што да се гради кај „Треска“ и врз основа на тоа да се уреди просторот. Но, кога дојде на функција Герасимовски кажа дека конкурсот не може да се реализира оти имало голем дел приватно земјиште.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира