ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ТРЕБА ДА ЗНАЕ ДЕКА ЈАВНИОТ ИНТЕРЕС Е НАД ПРИВАТНИОТ, А ПОЛА ОД ЗЕМЈИШТЕТО КАЈ „ТРЕСКА“ Е ДРЖАВНО, ВЕЛАТ ОД „ШАНСА ЗА ЦЕНТАР“

    ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ТРЕБА ДА ЗНАЕ ДЕКА ЈАВНИОТ ИНТЕРЕС Е НАД ПРИВАТНИОТ, А ПОЛА ОД ЗЕМЈИШТЕТО КАЈ „ТРЕСКА“ Е ДРЖАВНО, ВЕЛАТ ОД „ШАНСА ЗА ЦЕНТАР“На просторот кај ‘Треска’ државата поседува вкупно 47,16 отсто. (Фото: Општина Центар)

    Не е точно дека цело земјиште кај фабриката „Треска“ е приватно, дури половина е државно, велат од  советничката група „Шанса за Центар“ откако вчера градоначалникот Горан Герасимовски кажа дека не може да се уреди просторот според решенијата на конкурсот. Од „Шанса за Центар“ го потсетуваат Герасимовски дека тој како градоначалник треба да го штити јавниот интерес кој е над приватниот.

    „Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во вчерашниот медиумски настап тврдеше дека Општината нема право да го уредува земјиштето кај ‘Треска’ бидејќи е приватно. ‘Шанса за Центар‘ го потсетува градоначалникот дека Законот за урбанистичко планирање јасно дефинира дека јавниот интерес е над приватниот. Урбанистичкото планирање се врши за да се уреди просторот кој е и приватен и јавен, балансирано помеѓу интересите, но секогаш со приоретизирање на јавниот интерес. Просторот на секој урбанистички план опфаќа и приватно и јавно земјиште. Конкретно за опфатот кај ‘Треска’ државата поседува вкупно 47,16%,  односно скоро половина од вкупната површина со што го побива градоначалникот и вистинитоста на неговите тврдења“, велат од „Шанса за Центар“.

    Герасимовски вчера кажа дека не може да спречи да се гради кај „Треска“ оти станува збор за приватно земјиште. Општината го раскина договорот со планерската куќа „Инпума“ и сега ќе бара нов планер кој треба да го прави Деталниот урбанистички план за Буњаковец 1 и 2 во кој ќе биде вклучен и просторот кај „Треска“.

    „Пробиени се сите рокови, а план не е направен. Новата планерска куќа ќе треба да предвиди решенија и за просторот кај ‘Треска‘. Не може тоа посебно да се прави, како што некој мислел. Дали нешто ќе биде применето од конкурсот ќе видиме, тоа треба да го кажат правниците, со оглед дека таму е приватно земјиште и не можеме да спречиме луѓето да дооформуваат парцели и да бараат да градат. Конкурсот кој беше спроведен е скапа анкета за слушање стручно мислење. Изминативе 4 години некој проблемите ги ставал под тепих за да се купи време“, рече вчера градоначалникот Горан Герасимовски.

    Под притисок на граѓанските организации, професори и архитекти лани беше распишан од конкурс за уредување на просторот кај „Треска“. Сега кога конкурсот е завршен и комисијата утврди дека едно решение ги задоволува насоките, тој нема да се примени туку допрва ќе се бира на тендер планерска куќа која ќе црта што да се гради. Дотогаш ако некој побара дозвола за градба, Општината ќе мора да ја даде според стариот план кој предвидува цели блокови згради.

    А. АНТЕВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира