ПОЧНАА ДА СЕ ЛЕПАТ СО РЕКЛАМИ И НОВИТЕ ЕКО АВТОБУСИ НА ЈСП „СКОПЈЕ“

    ПОЧНАА ДА СЕ ЛЕПАТ СО РЕКЛАМИ И НОВИТЕ ЕКО АВТОБУСИ НА ЈСП „СКОПЈЕ“Автобусите беа набавени пред три години и во времето на ексградоначалникот Петре Шилегов на нив не се лепеа реклами. (Фото: СДК.МК)

    Дел од новите еколошки автобуси „МАН“ на ЈСП „Скопје“ кои беа набавени пред три години почнаа да се лепат во реклами. Откако беа набавени во времето на ексградоначалникот Петре Шилегов беше кажано дека нема да се дозволи на фирмата „Маратон“ да ги лепи со реклами. Но, со доаѓањето на новата градоначалничка Данела Арсовска и поставувањето на Иван Илиевски за нов в.д директор на ЈСП „Скопје“ изшарани и излепени се преку прозорците и задното стакло и дел од автобусите на гас.

    Граѓаните постојано се жалат дека од рекламите со кои се излепени стаклата од автобусите немаат никаква прегледност, не знаат до која станица се стигнати, а сметаат и дека се загрозува безбедноста во сообраќајот.

    Директорот на ЈСП „Скопје“ Иван Илиевски вели дека рекламирањето на новите автобуси е согласно договорот кој го наследил со „Маратон“, според кој фирмата може да издава одреден број автобуси за рекламирање. На нашето прашање како изминативе три години за време на претходното градско раководство немаше ниту една реклама на еколошките автобуси, Илиевски вели дека нема договор според кој не смее да се ставаат реклами на новите автобуси.

    Договорот со фирмата „Маратон“ со кој тие заработуваат од издавањето на автобусите за реклами, а многу мал процент добива ЈСП „Скопје“ важи до 2028 година. Договорот беше склучен во времето на ексградоначалникот Коце Трајановски, а пред локалните избори во 2017 од тогашниот директор Игор Јанушев беше потпишан анекс со кој се продолжува на 10 години почнувајќи од 1 јануари 2018.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира