ПОЧНАА РЕСТАВРАЦИЈАТА НА СРУШЕНАТА ЦРКВА „СВ. ВЛАСИЈЕ“ И АРХЕОЛОШКИТЕ ИСТРАЖУВАЊА НА ШТИПСКАТА СААТ КУЛА

    ПОЧНАА РЕСТАВРАЦИЈАТА НА СРУШЕНАТА ЦРКВА „СВ. ВЛАСИЈЕ“  И АРХЕОЛОШКИТЕ ИСТРАЖУВАЊА НА ШТИПСКАТА СААТ КУЛАСе смета дека црквата „Св. Власије“ била изградена во 1377 година и стручната фела долго време немаше податоци за оваа црква. Темелите биле откриени при археолошки истражувања во 2009. (Фото: СДК.МК)

    Со средства од ИПАРД програмата на Европската Унија, Завод и Музеј во Штип ги започна реставраторските работи на срушената црква „Св. Власије“ во подножјето на тврдината Исар и археолошко-геодетските истражувања на градската Саат кула која е пред распаѓање.

    Нема податоци за тоа од кога црквата „Св. Власије“ остана само на своите темели, но, се знае дека таа датира од 14.век кога биле градени и останатите три цркви на Исарот. Со реставрацијата на „Св. Власије“ ќе се врати старата идеја, четирите цркви на штипскиот Исар кои се протегаат на сите четири страни на тврдината да формираат крст.

    Вработени во Заводот и Музеј во Штип деновиве почнаа да го расчистуваат теренот околу градската Саат кула, чиј часовник веќе втора година не чука поради дотраеност на механизмите. (Фото: СДК.МК)

    „По првите археолошки истражувања изготвивме квалитетен проект кој беше прифатен од ИПАРД програмата на ЕУ која одобри 190.000 евра и веднаш започнавме со реставрација и конзервација на локацијата која ќе биде целосно осветлена и достапна за презентација“, вели директорот на Музејот во Штип, Мите Штерјов.

    Завод и музеј во Штип истовремено ги започна и археолошко-геодетските истражувања на Саат кулата за што се одобрени средства од Министерството за култура.

    „Кога ќе се види со каква статика се темелите на Саат кулата и целата нејзина издржливост, со средства на Музејот ќе се изготви проект со кој ќе аплицираме за одобрување на 80-100.000 евра колку што проценуваме дека ќе се извршат сите реставрации и конзервација на Саат кулата која била изградена во 1650 годинавели директорот Мите Штерјов.
    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира