ПОДНЕСЕНИ 13 СОВЕТНИЧКИ ЛИСТИ ЗА ИЗБОРИТЕ ЗА НОВ СОВЕТ НА ОПШТИНА ТЕТОВО 

    ПОДНЕСЕНИ 13 СОВЕТНИЧКИ ЛИСТИ ЗА ИЗБОРИТЕ ЗА НОВ СОВЕТ НА ОПШТИНА ТЕТОВО До Општинската изборна комисија доставени се 11 од политички партии и две листи од група избирачи. (Фото: СДК.МК)

    На 20 август оваа година тетовци повторно излегуваат на избори за Совет на Општината. Деновиве заврши поднесувањето на кандидатските листи, а Општинската изборна комисија (ОИК) соопшти дека се поднесени вкупно 13 листи, 11 од политички партии и две листи од група избирачи. Интересот на политичките субјекти за влез во Советот на Општината е зголемен и сега има поднесено три листи повеќе во однос на последните избори од 2021.

    „Според роковникот на Државната изборна комисија, рокот за доставување листи за членови на Советот на Општина Тетово истече на 15 јули на полноќ и до Општинската изборна комисија беа доставени 13 листи од кои 11 од политички партии и две листи од група избирачи. Од политичките партии листи доставија: ДУИ, ДПА, Алтернатива, Алијанса за Албанците, Движењето Беса, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, Партија Итегра, Левица, ПЦЕР, ДПТ како и две листи од група избирачи каде едната е носител Елмедина Абдулау, а на втората Агон Заими“, изјави Назми Даути, секретар на Општинската изборна комисија.

    Изборите ќе се одржат во текот на летната туристичка сезона кога дел од населението користи годишни одмори па неизвесно е колкава ќе биде излезноста на изборите, но според Даути кога се во прашање избори за Совет на општина нема цензус па изборот се врши без разлика колку граѓани ќе излезат на гласање.

    „Во изборниот законик за избори за членови на Совет на Општина не е предвиден цензус туку колку граѓани ќе излезат на гласање според нивните гласови ќе се распределат мандатите по политичките партии или групи избирачи. Јас сепак се надевам дека ќе има излезност и граѓаните ќе го остварат своето граѓанско право на глас“, појаснува Даути.

    Изборната кампања почнува дваесет дена пред одржувањето на изборите, а завршува 24 часа пред денот на одржување на изборите. Општинската изборна комисија на Тетово покрива 117 избирачи места, а вкупниот број на бирачи ќе се знае по затворањето на избирачкиот список кој е отворен за ажурирање до 20 јули.

    Во Општина Тетово повторно се организираат локални избори за Совет на Општината бидејќи Советот не успеа на време да ја усвои завршната сметка на Општината, па според Законот за локална самоуправа, Владата го распушти Советот, а претседателот на Собранието ги распиша изборите за 20 август.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира