Основното јавно обвинителство (ОЈО) Струга поднесе Обвинителен акт против против градежникот, бившиот градоначалник Рамиз Мерко, уште три лица од Општина Струга и архитектката-конзерватор во Заводот за заштита на културното наследство и музеј-Охрид, кои на 15 октомври 2025 придонеле да биде оштетена струшката спомен-куќата музеј на писателот Владо Малески, авторот на текстот на македонската химна, која е споменик заштитен како културно наследство. Обвинти се за кривичното дело Оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости од член 264 од Кривичниот законик.
Првообвинетиот, управител на градежна фирма од Велешта, како инвеститор и изведувач на работи за уривање на објект, бил задолжен со решение од Управата за заштита на културното наследство да изготви идеен проект со строго утврден начин за уривање, со оглед на тоа што наведениот објект бил во непосредна близина и делел преграден ѕид и кровна конструкција со заштитената стара струшка куќа на Владо Малески. Меѓутоа, иако бил задолжен, тој изготвил само основен проект без утврден начин за уривање на стариот објект, а по уривањето на истата парцела започнал изведба на нов објект со подрум, приземје и кат. Копајќи за подрумските простории на новиот објект, обвинетиот извршил широк ископ со багер, со што го поткопал заедничкиот преграден ѕид меѓу двата објекти, што довело до дестабилизација и уривање и на куќата под заштита како културно наследство.
Градежен инжинер и архитект од Секторот за урбанизам при Општина Струга се обвинети дека го изготвиле и одобриле одобрението за градење, без да биде приложен и идеен проект за уривање на претходниот објект на парцелата, со што му помогнале на првообвинетиот да го изврши кривичното дело.
Обвинението го опфаќа и тогашниот градоначалник на Општина Струга Мерко, кој го донел одобрението со кое, наспроти Решението на Управата за заштита на културното наследство му дозволил на првообвинетиот, покрај приземје и спрат, да изгради и подрум на објектот.
Обвинета за помагање на првообвинетиот е и архитектката-конзерватор во Заводот за заштита на културното наследство и музеј-Охрид која изготвила мислење без забелешки по однос на усогласеноста на проектот со насоките од Управата за заштита на културното наследство и ја заверила техничката документација во која, спротивно на решението на Управата, се предвидувала изградба и на подрумски простории.
Куќата на Владо Малески е една од најзначајните културни објекти и симболи на антифашистичката борба во која на 23 септември 1941, во присуство на членовите на покраинскиот комитет на Комунистичката партија на Југославија (КПЈ) за Македонија, народниот херој Кузман Јосифовски-Питу одржа конститутивен состанок на Месниот комитет на КПЈ за Струга и Струшко. Пред куќата стои биста на Кузман Јосифовски-Питу. Спомен-куќата, која се наоѓа на улицата Браќа Миладиновци во Струга, од 2017 е заштитена како значајно културно наследство.
С. ВРЕНЦОВСКА



