ПОДРАЧНИТЕ ШКОЛИ ВО СТРУМИЦА БЕЗ ОГРЕВНО ДРВО ОТИ НИКОЈ НЕ СЕ ЈАВИЛ НА ОГЛАСИТЕ

    ПОДРАЧНИТЕ ШКОЛИ ВО СТРУМИЦА БЕЗ ОГРЕВНО ДРВО ОТИ НИКОЈ НЕ СЕ ЈАВИЛ НА ОГЛАСИТЕРодителите на децата ученици од селата Рич, Попчево, Костурино, каде се изведува настава од прво до петто одделение, регираат дека нивните деца следат настава во незагреани училници иако грејната сезона одамна е започната; - селото Рич е на 25 километри од Струмица (Фото: СДК.МК)

    Дел од подрачните основни училишта во Струмица заедно со централните кои се наоѓаат по населените места во општината и понатаму се без огревно дрво. Родителите на децата ученици од селата Рич, Попчево, Костурино, каде се изведува настава од прво до петто одделение, регираат дека нивните деца следат настава во незагреани училници иако грејната сезона одамна е започната. Тврдат дека никој не им дава информација кога нивните деца ќе учат во затоплени училници.

    „Во нашето село Рич нема донесено дрво за огрев во училиштето. Никој не кажува дали и кога ќе има. Ниту учителките знаеја. До кога нашите деца ќе учат со облека како за зимски одмор?“ реагираа жителите од селото Рич.

    Директорката на ООУ „Маршал Тито“ под кое се наоѓа подрачното училиште во Рич, Благица Устапетрова, ни потврди дека имало проблеми со набавката на огревно дрво, но сите подрачни училишта вчера попладне ги добиле потребните количини.

    „Попладнево сите подрачни училишта добија огревно дрво. Дадов инструкции истите да се сечат и складираат и веќе од утре да се запалат печките. Зошто толку се доцнеше немам информација. Инаку, не сме ги оставиле децата без затоплување. Со оглед дека станува збор за мали ридскопланински села, од прво до петто одделение таму имаме по десетина ученици и загревањето беше со електрични греалки“, Устапетрова.

    Дека во дел од основните училиштата во општина Струмица нема огревно дрво за затоплување признаа и од Oпштина Струмица. Петар Киров од одделението за образование вели дека денес, најдоцна утре сите училишта ќе добијат дрво за огрев. Според него, застојот се случил оти никој не се јавил на распишаните два огласа за набавка и дотур на огревно дрво, иако тие биле распишани летово.

    „Имавме два огласа и, замислете, не се јави никој да ни обезбеди и достави огревно дрво. Не се јавија ниту од Шумското стопанство ‘Беласица’ од Струмица од каде со години набавувавме. Немаме информација зошто. Моравме да интервенираме кај новото раководство на Шумското за да ни бидат испорачани 386 метри кубни огревно дрво. Овие денови се дистрибуираат договорените количини и утре сите школи ќе добијат огревно дрво“, вели Киров.

    За разлика од подрачните по населените места, основните училишта во градот немаат проблеми со загревањето. Тие веќе со години се приклучени на гасоводната мрежа и заедно со сите локални јавни институции се греат на гас.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира