ПОЛА ГОДИНА ГРАД СКОПЈЕ ГО РЕНОВИРА ПЛОЧНИКОТ ПРЕД ГТЦ

    ПОЛА ГОДИНА ГРАД СКОПЈЕ ГО РЕНОВИРА ПЛОЧНИКОТ ПРЕД ГТЦГрадоначалникот Петре Шилегов вели плочникот уште не е готов бидејќи поради „Винтерленд“ и новогодишната програма градежните работи еден месец биле стопирани.(Фото: К.Попов)

    Просторот кој од Градскиот трговски центар (ГТЦ)  и Портата води кон Плоштад Македонија пола година е раскопан, заради градежните работи за реновирање. Град Скопје во септември лани почна со уредување на овој дел, за како што кажа градоначалникот Петре Шилегов, да се смени ликот на централното градско подрачје.

    На прес-конференцијата за почеток на градежните работи Шилегов кажа дека ќе биде готов до 13 ноември. Но, оттогаш поминаа речиси шест месеци, а плочникот сѐ уште не е готов. Уреден е само делот од влезот на ГТЦ до Плоштад, а делот кај Портата е раскопан и заграден со ограда.

    Градоначалникот Петре Шилегов вели дека плочникот уште не е готов бидејќи поради „Винтерленд“ и новогодишната програма градежните работи биле стопирани.

    „Оваа година, куќарките од новогодишната населба ги ставиме во делот пред ГТЦ оти знаевме дека ќе има голем број посетители на Плоштадот за новогодишната ноќ. Поради тоа, еден месец не се изведуваа градежни работи за овој проект. Се работи и наскоро и овој дел ќе биде уреден“, вели Шилегов.

    Според проектот, наместо асфалт просторот ќе биде поплочен со плочки од три вида на површина од околу 5.000 квадратни метри. Ќе бидат засадени 22 костени, ќе биде изведена патека за лицата со инвалидитет, а ќе биде поставена и соодветна урбана опрема со оптимален број клупи, корпи за отпадоци, осветлување и заштитни столпчиња.

    Реконструкцијата и уредувањето на просторот чини 530. 000 евра.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира