Како дваесетина години наназад, така и оваа година тетовци се мачат со недостаток од вода за пиење. На температири од 40 степени делови од градот со часови немаат ниту капка вода во водоводната мрежа. Тетовските комуналци започнаа и со рестрикции во вечерните часови, но тоа ни најмалку не го ублажува недостатокот од вода за пиење. Долгиот сушен период ја намали издашноста на изворите на Шара но главна причина за недостатокот од вода за пиење е во нејзината нерационална потрошувачка. Така, додека во погорните региони на градот вода има само неколку часови во текот на денот, дел од тетовските дуќанџии во подолниот дел од градот, со водата за пиење секое утро си ги мијат тотоарите пред дуќаните, додека други без престанок си ги наводнуваат своите бавчи. Ова е најизразито на улицата Радован Цониќ, каде секое утро по улицата тече цела една река. Само стотина метри погоре во населбите Горна Чаршија, Колтук, Два Бреста водата во чешмите е вистинска реткост и ја има само по два три часа во текот на денот.
„Немаме вода ниту за пиење ниту за одржување на лична хигиена. На вакво топло време тешко е да се издржи без вода. Четириесет години во оваа населба никогаш немало доволно вода. Само нѐ лажат дека ќе го решат проблемот, но вода сѐ уште нема. Само ни ја наплаќаат водата, а неа ја нема. Додека некој се расфрла со вода, ние вода ни за пиење немаме“, велат жителите на населбата Два Бреста, која е една од најпогодените со недостаток од вода за пиење.
Општинските власти не соопштуваат зошто не превземаат конкретни мерки против овие кои нерационално ја трошат водата за пиење.
„Инспакциските служби на Општина Тетово досега изрекле само неколку опомени на дуќанџиите кои со црева ги мијат тротоарите пред нивните дуќани, но казни за ова сѐ уште не сме изрекле“, кратко ни соопштија од Службата за односи со јавноста на Општина Тетово.
Од Јавното комунално претпријатие велат дека во овој период со години се воведуваат рестрикции бидејќи опаѓа капацитетот на доток на вода од шарските извори, а поради горештините се заголемува нејзината потрошувачка.
„Тетово сега добива 280 литри вода во секунда од шарските извори, а се ставени во употреба уште 3 бинари од каде се црпат 55 литри вода во секунда. Секако, ова не е доволно за да се снабдат сите делови во градот со доволни количини вода за пиење бидејќи недостатуваат најмалку уште 100 до 150 литри вода во секунда. Поради ова, од неодамна воведуваме рестрикција во целиот град која трае од полноќ до три часот изутрина . Засега нема да има дневни рестрикции бидејќи тие даваат мали резултати“, вели Самедин Абедини раководител на тетовскиот водовод.
Тетовските општинари излезот од ваквата состојба го гледаат во пуштањето на употреба на новиод водовод кој ќе црпи околу 200 литри вода од горното течение на реката Пена. После десет години градба тој конечно е завршен, а во заврша фаза е и пречистителната станица без која не може да биде даден во употреба.
„Ги очекуваме да пристигнат експерти од Израел кој треба да извршат тестирање на филтер станицата. Веруваме дека оваа работа ќе ја завршат за една до две недели по што конечно ќе може новиот водовод да се пушти во употреба, а Тетовци да ги добијат непходните литри вода, односно во градот да се нормализира снабдувањето со вода за пиење“, велат од Службата за односи со јавноста на Општина Тетово.
З. АНДОНОВ