Новинарите станаа полицајци, а полицајците новинари на денешната работилница за зголемување на взаемната доверба помеѓу МВР и медиумите во Битола. Учесниците се вклучија во вежбовни активности поврзани за импровизирани случаи. Едниот од нив беше случај на семејно насилство, во кое полицаец наводно изјавил дека тоа е семеен проблем и дека полицијата претпочита да не се меша. Дел од новинарите беа полицајци кои одржаа прес конференција за медиумите. Полицајците пак беа новинари на пресот и поставуваа прашања.
Беше импровизирана и ситуација на тешка сообраќајна несреќа, а новинарите во улога на полицајци го обезбедуваа теренот. Полицајците пак беа новинари и камермани во обид да снимат што повеќе материјал од незгодата.
„Недоразбирањата условно речено, односно моментите во кои новинарите и полицијата се судираат тоа се кога имаме казнено правни настани како тешки кривични дела,убиства, жртви, како настани кои предизвикуват поголем интерес кај јавноста, а од самиот тој факт и нагласена потреба кај новинарите да изврстуваат. Полицијата тогаш пак треба да ја сработи квалитетно работата на терен, а новинарите бараат брза информација”, изјави м-р Стефан Димовски од СВР Охрид.
Тој додаде дека взаемната соработка е значајна, дека треба да се познаваат полицискиот и новинарскиот кодекс и етика, а во иднина да се донесе и стратегија за односи со јавноста во полицијата. Организатори беа МВР и ОБСЕ.