ПОЛИЦИЈАТА МОРА ДА ГИ ОТСТРАНУВА НЕПРОПИСНО ПАРКИРАНИТЕ ВОЗИЛА ЗА ДА СЕ ИСЧИСТАТ ТЕТОВСКИТЕ УЛИЦИ ОД СНЕГОТ

    ПОЛИЦИЈАТА МОРА ДА ГИ ОТСТРАНУВА НЕПРОПИСНО ПАРКИРАНИТЕ ВОЗИЛА ЗА ДА СЕ ИСЧИСТАТ ТЕТОВСКИТЕ УЛИЦИ ОД СНЕГОТИ покрај фрлените над 250 тони сол и 300 кубни метри ризла, снегот се задржува поради ниските температури (Фото: СДК.МК)

    Снежната покривка во Долнополошкиот регион достигнува над 35 сантиметри, па сообраќајот се одвива во отежнати услови. На патниот правец кон Попова Шапка е издадена забрана за движење на товарни возила и автобуси, а за патничките автомобили задолжителна е зимската опрема.

    И покрај отежнатите услови, од „Македонија пат“ велат дека засега успешно се справуваат со проодноста на патиштата. Нивните екипи, заедно со ангажираната механизација од приватници, постојано се на терен и ги одржуваат проодни патиштата кои се во нивна надлежност, како делот од автопатот Скопје-Тетово-Гостивар што минува низ тетовско, патот Тетово-Попова Шапка и Тетово-граничен премин Јажинце.

    „Од среда од 6 часот, нашите екипи се на терен и ги чистат и песочат сообраќајниците, но поради интензитетот на врнежите и ниските температури и откако ќе поминат возилата, снегот останува на коловозот. Досега сме фрлиле над 250 тони сол и околу 300 кубни метри ризла, но ниските температури го оневозможуваат целосното дејство, така што снегот се задржува по патиштата“, изјави Дејан Јовановски, раководителот на тетовската подружница на „Македонија пат“.

    Останатите патни правци во тетовско, кон Пирок, Волковија и Јегуновце, се проодни, но во зимски услови. Од Општина Тетово информираат дека посебно отежнато се одвива сообраќајот кон селата на Шар Планина, како и во самиот град.

    „Возилата и машините за чистење продолжуваат со работа, а патиштата се третираат и со песок и сол. Со зголемен интензитет се работи на правците кои водат до планинските села, каде има и најмногу снег. Во градот, според оперативниот план, прво се исчистени улиците во централниот дел и булеварите, а потоа и улиците кои водат до населбите. Чистењето на улиците е отежнато поради паркираните возила“, велат од службата за информирање на Општина Тетово.

    Иако од Општината велат дека посебно се чистат улиците во централниот дел, денеска околу пладне на нив имаше десетина, па и повеќе сантиметри снег. Во поефективно работење на механизацијата која го чисти снегот се вклучи и тетовската полиција. Според портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски, во изминатите два дена биле подигнати 30-ина погрешно паркирани возила, кои не само што го попречуваат нормалното и безбедно движење на другите учесници во сообраќајот, туку и го отежнуваат чистењето на снегот.

    З. АНДОНОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари