Две физички и едно правно лице од Струмица добија кривични пријави за даночно затајување, перење пари и лихварство. Ова го соопшти директорот на БЈБ, Александар Јанев, на прес-конференција во Струмица, каде што беа присутни и претставници од Финансиската полиција и Јавното обвинителство.
Во април годинава, како што кажа Јанев, во дом и помошни простории полицијата пронашла околу 597 илјади и 500 евра, за кои лицата немале потполна документација.
„Беа пронајдени околу 600 илјади евра во готовина. Потоа следуваше финансиска истрага бидејќи за готовината лицата не поседуваа соодветна документација и, по обезбедената дополнителна наредба од судот и Јавното обвинителство, парите беа одземени. Отворена беше подетална истрага и утврдивме дека во 2018 година на банкарска сметка на едно физичко лице се внесени дополнителни 500 илјади евра. По анализата и спроведената истрага беше утврден огромен несразмер меѓу приходите и расходите, како и произлезената заштеда. Значи, лицата немаа легално покритие за тие пари“, подвлече Јанев.
На денешната прес-конференција не беше посочено од кој сектор доаѓа фирмата, но од УЈП кажаа дека имало даночно затајување за една година во висина од околу 2 милиони денари.
Директорот на Финансиската полиција, Слободан Ивановски, рече дека освен откривање на криминалот, главната цел е враќање на парите во буџетот.
Во интерес на истрагата не беше посочено дали за лицата е побаран притвор.
В. ТРАЈКОВ



