Половина од децата со посебни потреби во Општина Центар годинава нема да добијат образовни асистенти кои ќе им помагаат во наставата. Општина Центар има пари да ги покрие трошоците само за двајца ученици оти од УНДП кои досега го финансирале проектот доцна ги известиле дека оваа учебна година ќе обезбедат пари само за 5 ученици.
Во Општина Центар има 15 ученици со посебни потреби, а досега УНДП за сите обезбедуваше по 8.000 денари месечен надоместок за асистенти. Годинава УНДП заради финансирање на повеќе училишта кои ќе воведуваат персонални асистенти за учениците со посебни потреби, ја известиле Општина Центар дека ќе обезбедат средства за 5 асистенти, а за останатите деца трошоците да ги обезбеди Општината. Но, Општината во буџетот не предвидела пари за вакви намена и сега 8 деца ќе останат без помош во текот на учебната година.
„Не ни е јасно како може другите општини да најдат средства, а само Општина Центар да немаат финансии за најранливата група на жители. Точно некои деца ќе добијат асистент, но половина нема. Со тоа се прави дискриминација. Не може општината на едни да е мајка а на други маќеа“, велат родители на деца со посебни потреби кои годинава останаа без асистенти.
Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ вели дека овој проблем се појавил оти УНДП доцна ги известиле дека нема целосно да го финансираат овој проект.
„Сега за сега можеме да обезбедиме пари само за двајца асистенти. Но, тоа не значи дека во иднина кога ќе правиме ребаланс нема да предвидиме пари за оваа намена за да можат сите деца со посебни потреби да бидат вклучени. Дефектолозите во училиштата подготвија извештај и одлучено е асистенти да добијат оние деца на кои тоа им е најпотребно“, рече Богдановиќ.
Тој не кажа кога точно ќе бидат обезбедени средства за оваа намена, дали во текот на оваа учебна година или пак со буџетот за наредната 2020 година.
А. АНТЕВСКА